Мицкоски за „Гласот на Америка“: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е укинување на техничката влада

Сподели

 

“До овој момент нема никаква официјална потврда за датумот за избори, ниту пак има било каква потврда дали изборите би биле единечни или би биле раздвоени. Не би рекол дека во рамките на парламентот има било какви разговори. Разговорите, како што гледаме, и самиот Ковачевски, но и Владата ги прави преку медиумите. Таму слушнавме дека изборите би биле редовни во мај, таму слушнавме дека изборите би биле заеднички,. Но како и да е, важно е на крајот да постигнеме било каков договор кој што ќе не води кон предвидливо сценарио, а нема да не втурне во било каква уставна или политичка криза. Така што, како ВМРО-ДПМНЕ, ние нашите принципи сме ги кажале многу пати во минатото дека не можеме да си дозволиме од многу причини раздвоени избори, дека споени или заеднички избори – претседателски или парламентарни – се решение. Добро е да се земе почетокот на мај како потенцијален оквир за постигнување решение. Гледам дека тука, односно слушам преку медиумите, дека отприлика тука конвергира ставот и на Владата. Ако има било каква лидерска средба, …со ова решение, ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени да го прифатиме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Гласот на Америка“.

На прашањето со која албанска партија ќе коалицира и што станува со таканаречениот мајски договор, Мицкоски потенцираше тој договор за коалицирање победник со победник веќе не важи, бидејќи ДУИ го прекрши, како и дека шанса за коалицирање треба да и се даде на албанската опозиција, укажувајќи дека е здраво и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција.

Не постои веќе таков договор. Тој договор го прекрши ДУИ. Кога го прекрши, ДУИ односно Демократската унија за интеграција, требаше да биде свесен како политички субјект дека кога еднашка зборот во политиката ќе го прекршите, тоа остава лош впечаток за вас, но и остава лош впечаток за лидерството. Така што „мајскиот договор“ за мене, како договор не постои, а што се однесува до потенцијален коалиционен партнер, многу пати сум го кажал тоа, ќе го повторам еве и на денешното интервју дека треба да се даде шанса на албанската опозиција условно кажано во Македонија, да води ресори, да имаат одговорност во државата и да видиме со каков капацитет располага албанската, условно кажано, опозиција во Македонија, а ценам дека би било здраво и добро и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција, да може да ги пронајде своите програмски начела. Бидејќи гледате, од партија која што беше, би рекол самонаречена зелена опција, таа се претвори во партија која што изобилува со најголем број новопечени милионери, па заврши денеска со повторно некаква националистичка национално-романтична, романтистичка реторика. Така што, ценам дека за да се пронајдат себе си и кадровски и програмски и структурно, добро е да поминат најмалку еден мандат во опозиција, истакна Мицкоски.

Мицкоски го потврди ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека е за укинување на техничката влада, бидејќи смета дека со техничката влада не добива државата, туку напротив губи.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ го кажав јавно, дека ние сме подготвени да интервенираме во Законот за влада и во Изборниот законик и да го избришеме делот каде што стои техничка влада. Јас се уште стојам на тој став и мислам дека со техничката влада не добива државата, напротив – губи, и можеби би ви делувало чудно што јас од позиција на опозиција … подготвен сум да преговарам во свое име и од името на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа е став кој што како ВМРО-ДПМНЕ го донесовме, а јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ го рефлектирав во јавноста, рече Мицкоски и додаде дека доколку не се интервенира во Законот за влада и во и Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада.

Инаку, теоретски доколку се уште постои техничката влада и не се интервенира во Законот за влада и Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада, на техничкиот премиер во ресорите во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика и би имала свои заменици во Министерството за финансии, земјоделие и Министерството за информатичко општество и администрација,” изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за “Гласот на Америка”.