На 15 февруари, среда, во 20:00 часот во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ќе биде промовиран зборникот „100 Илјади поети за промена“ и поетско читање на дел од застапените поети кои учествуваа на шестото издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ во Македонија.
Од околу 220 автори кои се вклучија на конкурсот, во зборникот по претходна селекција се застапени 60 автори. Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои се дел од ова движење обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи.
Преку овие читања ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Ќе се види дали може да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; размислувања и разговори со самите себе; внатрешни промени наспроти големата слика.
Ова е втор пат манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ да се реализира во Скопје, со помош на остварената соработка меѓу Младинскиот Културен Центар (МКЦ) и Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“