МНР до Дачиќ: Да не се руши пријателството меѓу граѓаните на Србија и Македонија

Сподели

“Политичарите треба да ги продлабочат пријателските односи кои постојат меѓу граѓаните на Србија и на Македонија, а не да го рушат обостраното пријателство”, реагираат од Министерството за надворешни работи на Македонија, по изјавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, дека официјален Белград направил историска грешка признавајќи ја Македонија под уставното име, бидејќи Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

„Меѓу Србија и Македонија има многу блиски и длабоки пријателски односи. Не е случајно што граѓаните во двете земји имаат многу позитивни чувства за соседите од другата страна. На политичарите останува само да ги продлабочуваат тие историски односи. Доколку тоа не е возможно, тогаш треба да бидат одговорни барем да не го рушат пријателството кое постои помеѓу Македонија и Србија, во двата правци. Ова треба да важи и во услови кога е очигледно дека се загрева атмосферата за следното гласање за влез на Косово во УНЕСКО, велат од МНР.

Дачиќ во интервју за српската новинска агенција „Бета“ рече дека Белград во билатералните односи со Скопје и понатаму ќе го користи уставното име на Македонија, но дека мултилатерално ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и во Обединети нации – БЈРМ.

Во новогодишното интервју за агенцијата „Бета“, Дачиќ рече Србија ќе води политика на реципроцитет, но тоа не значи дека нешто билатерално ќе преземе против тие земји. Тој исто така додаде дека тоа не е одмазда, туку одговорна државна и национална политика.

meta.mk