На 20 февруари, со почеток во 20 часот, на големата сцена во МНТ ќе гостува Народното позориште од Приштина/Грачаница со претставата „Женидба“, од Николај Василевич Гогољ, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народното позориште Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.
Според режисерот, Гогољ во „Женидба“ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од своето време – лицемерството, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество…
Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување форма за која неговите ликови мечтаат и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години од кога е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето, и за нив е секогаш потребно да се говори во театарот.