МОБ, 28.9.2018 / 20.00, Карл Орф – КАРМИНА БУРАНА
сценска кантата
Диригент: Бисера Чадловска
Хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска, Ѓурѓица Дашиќ
Кореографија и либрето: Кан Арслан (Турција)
Асистент кореограф: Ана Лусија Фереира (Португалија)
Сценограф: Миодраг Табачки (Србија)
Костимограф на Балет: Гизем Бетил (Турција)
Костимограф на Опера: Елена Дончева
Асс. Режисер: Дејан Прошев
Репетитори: Саша Евтимова Бахрам Јулдашев (Русија) и Горан Божинов
Концерт мајстор: Јане Бакевски
Солисти на операта:
Надe Талевска – (сопран) 28.09.2018
Луиџи Скифано – (контратенор) Италија
Горан Начевски – (баритон )
Солисти на балетот: Марија Кичевска Шокаровска, Наташа Јосифовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Игор Веланоски, Мирослав Митрашиновиќ
Хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ
ШТО Е „КАРМИНА БУРАНА“?
Наједноставно кажано, тоа е вечното актуелно прашање на животната радост, слободата и страста за која пеат уште патувачките студенти и клериците. Истоимениот ракопис од XIII век пронајден 1803 г. во баварскиот манастир Бенедиктбевер беше Орфова инспирација. Конечно дваесетина текстови стануваат и конкретен текстуален предлог за ова музичко остварување. Композиторот ни овде не смета на потполно, логично разбирање на различните јазици. Барајќи ги корените на врските што постојат помеѓу митот, музиката и јазикот, разбирањето го нуди во спрега на сите елементи и неизбежното физичко движење – ритамот.
„Што е појасна и поедноставна пораката – уште посилен е и подиректен крајниот ефект“. Тој водечки принцип на Орфовото уметничко уверување, силината на неговиот звук и ритамот, произлегуваат уште од експерименталната Гинтерова школа за гимнастика, музика и игра чии што соосновач бил и Орф во Минхен 1924 г. Светот на „Кармина Бурана“ е саканиот свет што го остваруваат најспремните. Таму каде што Фортуната – Среќата владее со светот, а сонцето и богот на љубовта имаат власт над сите, трае силна, незапирлива радост. Орфовата музика и неговата визија за театарската волшебност стануваат дел од екстазата на стариот грчки театар. Низ неа се обновуваат мистериите, ритуалните свечености, латинската комедија, но и фолклорниот театар од тоа поднебје.