„Моја скопска приказна” – Најдобри фотографски приказни во МСУ

Сподели

Најдобрите фотографски приказни, инспирирани од автентични скопски фасади кои го дефинираат вистинскиот идентитет на градот, вечерва ќе бидат претставени на изложба во Музеј на современа уметност во 19 часот.

На изложбата ќе бидат прогласени победничките фотографски приказни кои ќе бидат парично наградени.

„Идејата на проектот „Моја скопска приказна” беше да се направи изложба преку натпревар на фотографии од објекти кои ја отсликуваат автентичноста на градот. Фотографиите се од објекти, од автентични фасади, кои вистински го дефинираат идентитетот на старата скопска архитектура“, велат организаторите „Стримон филм“.

Како една од главните цели на проектот се смета чување и афирмирање на материјалното, духовното и културното наследство на градот Скопје.

„Сметајќи дека развојот на традиционалното културното наследство е од исклучително значење на еден град, во комбинација со урбаната култура и современото творештво, овој настан има за главна цел подигнување на јавната свест за важноста на националното и културното наследство и иницирање ангажман на граѓаните“, велат од „Стримон филм“.

„Моја скопска приказна“ е проект кој е дел од програмата Европска година на културно наследство 2018, на Делегација на Европска Унија. Финансиски е поддржан од Делегација на Европска Унија и од Еуролинк Осигурување А.Д. Скопје.