МОН: Градењето на младите генерации е обврска на целото општество и сите чинители

Сподели

 

Образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители.
 
Случувањата во нашето соседство вклучија сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво.
 
Младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото. Новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици.
 
Бројни законски решенија, проектни мерки и активности досега се спроведени во оваа насока. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа. Се имплементираат проекти за заштита од насилство заедно со општествено одговорни компании и со меѓународни организации.
Како креатори на образовните политики, Министерството за образование и наука заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата.
 
Очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство и така натаму.
Првиот чекор е инклузивна средба со претставници на академската фела и веќе во текот на утрешниот ден истата ќе се одржи во просториите на МОН, а ќе учествуваат универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други.
 
По завршување на средбата ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои како што посочивме ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите.