МРТ на врвот на листата на должници кон УЈП

Сподели

Јавниот радиодифузен сервис – Македонската радио-телевизија (МРТ) – повторно е на врвот на листата на должници кон Управата за јавни приходи (УЈП).

Во најновиот список на должници кон УЈП, за побарувањата доспеани до 31 август, а неплатени до 30 ноември годинава, е наведено дека МРТ должи 105.573.870 денари (1,712 милиони евра) за данок на добивка, како и 26.862.255 денари (435.720 евра) за ДДВ. Со тоа јавниот радиодифузен сервис ја продолжува неславната традиција да се најде на секоја листа на УЈП во изминативе години, иако раководството на МРТ вели дека презадолженоста е предизвикана во еден дел и од фактот што УЈП не ги исплатила парите собрани за радиодифузна такса.

Во соопштение за јавноста од почетокот на минатиот месец, МРТ извести дека долговите кон различни доверители изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од вкупниот долг на Управата за јавни приходи кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Најголемиот дел од буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во 2018 година, односно 19,29 милиони евра, ќе се потроши за „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), Македонска радиодифузија (МРД) и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), посочи во средата министерот Дамјан Манчевски, презентирајќи го буџетот за следната година.