Во пресрет на Меѓународниот ден против хомофобијата вчера во Собранието нa Република Северна Македонија по втор пат беше изгласан Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапува на сила веднаш по потпишувањето од Претседателот на државата.
Со овој Закон градиме општество со еднакви права за сите и овозможуваме еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Основа за донесување на овој Закон е Уставот на Република Северна Македонија , во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.
Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex generalis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот Закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.
Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.
На иницијатива и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика Буџетот на Комисијата за заштита од дискриминација за 2019 година е зголемен од 6.652 милиони денари на 15.138 милиони денари. Буџетот е зголемен со цел спроведување на новите надлежности на Комисијата предвидени со новиот закон. Согласно со новиот Закон за спречување и заштита о дискриминација, во рок од 3 месеци по неговото влегување во сила Собранието треба да направи избор на новата Комисија за заштита од дискриминација. Истовремено со новиот закон се предвидува формирање и на стручна служба.
МТСП го честита на сите граѓани и граѓанки Меѓународниот ден против хомофобијата, како и историскиот успех кој го постигнавме денеска – носење законско решение кое овозможува еднаква заштита и еднакви права за сите.