МТСП: Владата на ВМРО ДПМНЕ барала локации за изградба на станови за бегалци

Сподели

Во врска со небулозните наводи изнесени на прес конференција на ВМРО ДПМНЕ по повод поднесената интерпелација на министерката за труд и социјална политика, како и лагите дека ќе се градат станови за бегалци, со јавноста ги споделуваме следните факти:

Поранешниот министер од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Спиро Ристовски на 05.07.2012 се обратил до општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, овозможено со средства од ИПА Фондот.

Во прилог на ова соопштение за јавност ви го доставуваме барањето потпишано од Спиро Ристевски.
Имено, според извадокот од записникот од 224-тата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 29.03.2011 година, владата предводена од ВМРО ДПМНЕ ја разгледала Информацијата за имплеметација на стратегијата за интеграција на бегалци и странци и усвоила заклучок според кој се задолжува Министерството за транспорт и врски да предложи локации на државно земјиште кое може да се искористи за изградба на станбени единици. На седницата одржана на 25.05.2011 година, била разгледана информација за конкретни предлог локации за изградба на станови.

Во таа насока, сметаме дека неодговорното ширење страв и лаги во јавноста е само одраз на дволична политика на ВМРО ДПМНЕ, а обвинувањата до сегашното раководство на МТСП се крајно неосновани.

Наспроти тврдењата дека граѓаните не се консултирани за ,,Предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година’’, потенцираме дека Министерството, за разлика од претходната Стратегија усвоена од Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, овојпат јавно го објави на сајтот на МТСП предлог текстот и нацртот на акциониот план за Стратегијата. Беше објавен и формулар за предлози и сугестии за текстот на документот, со рок на доставување до 8 август 2017 година. До вчера пристигнаа мислења од неколку организации и тие ќе бидат разгледувани на јавна работилница која ќе се одржи во текот на идната недела, а на која ќе бидат поканети сите заинтересирани страни. Повторуваме дека стратегијата е се уште во форма на предлог текст.
Во оваа насока, беше побарано мислење и од повеќе релевантни институции и организации, меѓу кои и од ЗЕЛС, од каде е препратен дописот до општините. Децидно изјавуваме дека од ниту една општина не е побарана предлог локација за изградба на станови. Но такво нешто побарала претходната власт, предводена од ВМРО ДПМНЕ -пренесе министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.