Мурат Али: Македонија меѓу идентитетот и опстанокот

Сподели

Негирањето или непризнавањето на постоењето на македонската нација или на одредени компоненти на националниот идентитет, како што се името, јазикот, историското минато, во период од повеќе од еден век, кај припадниците на македонската нација го создаде чувството на „негирана нација“, пишува Мурат Али за Рес публика.

Корените на она што во јавниот и научниот дискурс е познато како „Македонското прашање“ се наоѓаат по втората половина на 19 век, односно по Берлинскиот конгрес во 1878 година. Во основа на „македонското прашање“ се наоѓаат две клучни прашања или дилеми: прво, која е етничката припадност на словенското население што живее во регионот наречен Македонија и второ, кому припаѓа, т.е. на која држава и припаѓа регионот Македонија?

По втората половина на 19 век, Грција, Бугарија и Србија имаа три различни одговори на овие прашања: според Грција, Македонија историски била дел од Грција и населението што живее на тој простор е грчко, што на еден чудесен начин зборува словенски јазик. За Бугарите, словенското население во регионот на Македонија е етнички бугарско, а географскиот регион наречен Македонија историски бил дел од Бугарија. Додека за Србија, словенското население во Македонија било етнички српско и со тоа Македонија (Јужна Србија) е нераскинлив дел од историските и ветените српски земји.

Оттогаш, соседните држави на Македонија, под влијание на нивните националистички идеологии и иредентистички политики, категорично го негираат постоењето на Македонците како посебна етничка, културна и историска категорија. Иако дотичните држави одвреме-навреме ги менуваа ставовите во однос на „македонското прашање“, тие во основа, посебно Грција и Бугарија, продолжија да го негираат македонскиот национален идентитет или неговите компоненти до ден-денес.

Синдромот „негирана нација“

Негирањето или непризнавањето на постоењето на македонската нација или на одредени компоненти на националниот идентитет како што се името, јазикот, историското минато итн., во период од повеќе од еден век, кај припадниците на македонската нација го создаде чувството на „негирана нација“.

Негирањето или непрепознавањето од „блискиот друг“ или „значајниот друг“, неминовно предизвикува чувство на инфериорност и ги активира одбранбените рефлекси на поединецот или на одредена група. Психолошката состојба да бидеш негиран од страна на „другиот“ се манифестира со постојан напор на докажување „кои сме“ или „кои не сме“.

Гледано од оваа перспектива, една од главните карактеристики на македонската националистичка мисла е постојаниот напор да се расправа и докажува дека тие се посебна етничка група и се разликуваат од нивните соседи – српски, бугарски и грчки.

Во принцип, непризнавањето од другите го принудува субјектот или колективот опсесивно да го докажува спротивното, т.е. своето постоење. Овој феномен, т.е. опсесијата за докажување на негираниот идентитет често се поврзува со колективна параноја и психологија на виктимизација.

Оваа колективна параноја што ја придружува македонската националистичка мисла е склона да произведува многу непријатели, внатрешни и надворешни, кои заговараат уништување на македонската држава и нација. Се разбира, овие непријатели се повеќе имагинарни отколку реални.

Од друга страна, овие ситуации во кои националниот идентитет е оспорен или во кои се засегнати етничките прашања претставуваат добра можност за популистичките лидери или партии ширум светот. Во овој контекст, во име на заштита на македонскиот идентитет, многу политички партии, главно од десничарската традиција, го развија популистичкиот дискурс.

Националистичкиот и популистичкиот јазик отсекогаш бил ефикасен инструмент за мобилизирање на масите и на тој начин одржување на политичката власт што е можно подолго.

Европската интеграција на Македонија заложник на „балканскиот синдром“

Проблемите со кои се соочува Македонија од нејзината независност, меѓуетничките спорови, неуспешната транзиција, корупцијата, непризнавањето на националноста и јазикот од Бугарија и особено, спорот за името со Грција, сите овие години предизвикуваат колективна нервоза која се манифестира со колективна опсесија да се заштити националниот идентитет и со ментална изолација.

За време на владењето на Никола Груевски (2006-2016), откако решението на спорот за името со Грција беше претставено како предуслов за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, македонските граѓани беа соочени со дилема: избор меѓу идентитетот и ЕУ.

Ставовите на Грција за името на Македонија и генерално, за историското и културното наследство на античка Македонија, од националистичките кругови и воопшто од Македонците се перципира како директен напад врз македонскиот идентитет и кон државноста. Во тој период, според политичките експоненти на ВМРО-ДПМНЕ, барањето на Грција за промена на уставното име на државата е барање за обезличување на македонскиот народ. Се аргументираше дека во случај на промена на уставното име на државата, Македонците ќе се откажат од своето историско минато, што всушност, значи само-негација.

Сепак, потпишувањето на Преспанскиот договор докажа дека менувањето на името на државата не значеше откажување од националниот идентитет, како што се пропагираше со години. Точно е дека со овој договор, Македонија и на некој начин – Македонците, прифатија да се откажат од историското и културното наследство на античките Македонци, но од друга страна, во договорот многу прецизно се наведува дека македонскиот народ етнички е со словенско потекло и дека македонскиот јазик е словенски јазик. Со „Преспанскиот договор“, на македонската нација  и се признава историско минато од речиси 15 века на овие простори.

Реторичко прашање би било: што доби Македонија од ригидните ставови на владите на Груевски во однос на проблемот со Грција? Објективно, слободно може да се каже дека не доби ништо. Македонија изгуби десет години во интегративните процеси.

Со потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018 година „сите” помислија дека „Македонското прашање“ се затвори еднаш-засекогаш и дека конечно се отворија сите врати за интеграција на земјата во евроатлантските структури.

Но, по потпишувањето на овој договор, граѓаните на Македонија наскоро повторно ќе бидат разочарани. Затоа што Македонија успеа да стане само членка на НАТО, но не ги започна преговорите за полноправно членство во ЕУ, како што им ветија на граѓаните на Македонија речиси сите лидери на поважните земји од ЕУ.

Првично, во 2019 година, Франција го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, со образложение дека е потребна нова методологија за членство на земјите-кандидати во ЕУ. Тоа брзо беше надминато и во 2020 година беше усвоена новата методологија за членство во ЕУ.

Реално, главното разочарување ќе дојде од Бугарија, која по примерот на Грција во 2020 година, употребувајќи го нејзиното право на вето, го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Потоа, почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, Бугарија го услови со низа барања кои Македонија мора да ги исполни, а кои всушност, не претставуваат ништо друго освен уцени и гротескни барања.

Главното оправдување на Бугарија беше дека Македонија не ги исполнила обврските од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан во 2017 година. По повод користењето на ветото од Бугарија, тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева тврдеше дека формулата од 1999 година – во однос на прашањето за македонскиот јазик и негирањето на македонското малцинство во Бугарија, треба да биде вградена во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.

Малку подоцна Бугарија ќе го објави главниот услов за повлекување на ветото против Македонија: вклучување на Бугарите во Македонија во Уставот, со цел нивно признавање како малцинство.

По многу интензивни преговори, во 2022 година, страните се договорија да го прифатат таканаречениот „Францускиот предлог“, според кој Македонија се обврза да ги направи уставните измени и да ги вгради Бугарите во Уставот, а од друга страна, Бугарија го повлекува ветото преку која го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Македонија е се подалеку од ЕУ!

Во 2018 година ЕУ оцени дека интегративниот процес на Албанија и Македонија во ЕУ треба да оди паралелно и истовремено. Но, за разлика од Албанија, која пред два месеци ги започна преговорите за полноправно членство, Македонија се чини дека е далеку од овој процес.

Се разбира, главната причина е тоа што Македонија не успеа да ги испорача договорените уставни измени. Според ВМРО ДПМНЕ, која во последниот мандат беше опозициска партија, а сега, како партија на власт, одлучува за овие промени, Бугарија врши диктат кон Македонија и нејзините барања, предвидени со „Францускиот предлог“ и со таканаречените протоколи, кои се дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, всушност, задираат во националниот идентиет на Македонците.

Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ не се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот. Нејзиниот страв е дека Бугарија нема да се  задоволи само со ова и дека после исполнувањето на овој услов, таа ќе постави други услови додека не ги реализира нејзините национални објективи. Според партијата, Бугарија ќе побара промена на училишните учебници, местата за колективна меморија и многу други барања кои го нарушуваат националниот идентитет на Македонците. И тргнувајќи од овој факт, ВМРО-ДПМНЕ бара некаква гаранција дека уставните измени ќе бидат последниот услов или барање на Бугарија.

Една од главните дилеми пред парламентарните избори на 8 мај, но и потоа, секако беше судбината и европската перспектива на земјата. А она што сега го гледаме, речиси 4 месеци по формирањето на новата Влада, е стагнација, дури и тотална индиферентност.

Интересно е што наративот што го развива ВМРО-ДПМНЕ против политиките и ставовите на Бугарија, речиси не се разликува од оној од десет-годишниот период од владењето на Груевски. Тоа се истите аргументи и истиот моралистички и нормативистички јазик.

Точно е дека моралното право е на страната на македонскиот народ, дека однесувањето на Бугарија е крајно примитивно и дека ЕУ со овој пристап кон Македонија самата ги гази своите принципи и вредности. Но, од друга страна, овој страв и драматизирање од обезличување на македонската нација е претеран и со тоа манифестира психоза на инфериорност.

Инсистирањето да се зачува националниот идентитет од надворешни или внатрешни напади се нешто многу легитимно. Секоја држава и нација треба да го штити својот национален идентитет. Но, вистинското прашање е дали Македонија го има овој луксуз за вакви цврсти ставови, имајќи го предвид економскиот потенцијал на државата, демографскиот тренд на населението и целокупното влијаније на меѓународната сцена која ја има нашата држава.

Eдна мала и сиромашна земја како Македонија тешко може да „преживее“ во овие актуелни економски, политички и воени конјунктури, држејќи се настрана од интеграција во големи структури како што е ЕУ. Во македонскиот случај, овој цврст став и инсистирање да се заштити националниот идентитет и достоинство со жртвување на членството на земјата во ЕУ изгледа колку наивно, толку и драматично. Затоа што малку е наивно да се верува дека со некои билатерлани договори една нација може да го изгуби националниот идентиет.

Нацијата и националниот идентитет се културна и историска реалност. Македонската нација успеа да изгради наратив на своето минато и успеа да обликува јавна култура која ја разликува од другите, особено од словенските народи на Балканот.

Во ваква ситуација кога светот и Балканот се соочуваат со различни безбедносни ризици како резултат на случувањата во светот (војната во Украина и на Блискиот Исток) и особено, во ситуацијата на демографската контракција што ја доживува Македонија, инсистирањето на идентитетот изгледа наивно.

Во овој контекст, се поставува прашањето: чуму идентитет, кога во случај Македонија да остане надвор од ЕУ, во следните неколку децении ризикува да остане речиси празна!?