Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во нашата држава, Паоло Палминтиери.
За време на средбата, министерот Муцунски му посака успешна мисија на новиот италијански амбасадор, изразувајќи уверување дека неговото дипломатско искуство и личен ангажман ќе придонесат значително кон продлабочување на односите и доближување на двете земји. Тој се заблагодари за посветеноста на Италија и нејзината проактивна улога во забрзување на процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија.
Соговорниците, изразија заедничко задоволство и од досегашниот развој на билатералните односи, акцентирајќи ги заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските врски. Притоа, беше нагласена потребата од искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката, особено во економскиот сектор и други области од заеднички интерес.