Од 1. до 3. јуни во НУ „Музеј на Македонија“, студентското археолошко здружение „Аксиос“ најавува серија дискусии, филмски проекции, поезија и забава, на настан наменет да се каже не на пасивноста во културата.
Како идни активни учесници во сферата на археологијата и историјата на уметноста, ние студентите од „Аксиос“ веруваме дека треба да имаме поширока одговорност во градењето на културата во нашето општеството.
Работниците во полето на културата имаат значајно место во општеството, тие се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Од тука тргнавме да организираме настан кој ќе го потенцира местото на културата, науката и уметноста – археолози, историчари на уметност, историчари, филозофи, етнолози, класичари, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари… – сите на едно место да ги срушиме бариерите и да кажеме НЕ за пасивноста во културата.
Културата претставува збир од материјални и духовни вредности кои под влијание на традиционалните рамки и современите промени го формираат однесување на членовите на едно општество. Културата на една заедница го отсликува и диктира нејзиниот степен на развој.Таа не е одраз на големите политики, туку рефлексија на вкусот, практиките и творештвото на нејзините единки.
Затоа Ве покануваме на 1, 2 и 3 јуни во НУ „Музеј на Македонија“ да го изразите вашиот став и дадете придонес во кршењето на закоравените ставови во полето на културата во нашето општество.
Ден 1
17:00 – 20:00 – Рецепција на антиката во современата уметност – проекција на филмот “The Name of the Rose” (1986) и презентација „Антиката во филмскиот серијал Хари Потер“
20:00 – 21:00 – Јавна дебата „Често поставувани прашања и негативни одговори“ – отворена дискусија за предизвиците во развојот на културата и уметноста во Македонија и светот и нивното влијание во општеството.
21:00- 00:00 – Музички DJ сет на Oubli и Зафировски Никола.
Ден 2
17:00 – 19:00 – Проекција на кратки етнолошки филмови | Тема:Не! – во организација на Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво.
19:00 – 21:00 – Јавна дебата „Толеранционен логор“ – отворена дискусија посветена на цензурата, толеранцијата и дискриминацијата во општеството, уметноста и науката. Модерирана од членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“.
21:00 – 00:00 – Музички концерт на млади рок и метал бендови.
Ден 3
18:00 – 19:00 – Дискусија: „Елитизмот во уметноста“ – отворена јавна дебата за елитизмот во визуелната уметност и нејзината достапност до популацијата со нарушен вид (проследена со соодветна изложба на тактилни уметнички дела). Модерирана од членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ во соработка на студенти од институтот за Дефектологија и студенти од Факултетот за ликовни уметности.
19:00 – 20:00 Читање поезија
21:00 – Oтварање на изложба на дела во авторство на студенти од Факултетот за ликовни уметности и завршените дела од „Уметност на отворено“.
*За време на целиот настан ќе има катче каде ќе може да проследите создавање на уметнички дела на отворено, како и да го поддржите создавањето на применетата уметност преку купување на облека, торбички и други рачни изработки од колекцијата на 0.10errorofharmony, Foreground totebags, како и новата колаборативна колекција современ накит – “BIZARRE”, кој всушност е проект во соработка со Ивана Секулоска, студент на Факултетот за ликовни уметности и платформата за изработка на накит УрбанЕра на Емилија Миткоска, чија цел е да покаже практична примена на графиката и нејзината интерпретација. Проектот вклучува интерпретација на гротескни и атипични графики и илустрации во парчиња современ накит.
Пораката до публиката на колекцијата “BIZARRE” е акцентирање на сопствената индивидуалност, одраз на бунтот и непокор кон мејнстрим тековните трендови.