Музеј на современа уметност: Изложба на Ранко Дакиќ – „Егзил“

Сподели

 

Музеј на современа уметност, Изложба на Ранко Дакиќ – „Егзил“, 24.септември

Творештвото на Ранко Дакиќ (1958, Скопје) не цели да ни открие зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко да може да го направи кое и да е’ творештво. Но може, на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност.

Уметноста на Дакиќ не е поводлива и не е подведлива, таа не сака да биде национална, па ни интернационална. Таа цели да биде анационална односно сака да биде само – уметност. Во извесна смисла таа е егзистенцијална. Но не егзистенцијалистичка во философската смисла на зборот, туку како некаков личен творечки одговор на егзистенцијалните дилеми, на разбирањата на уметноста, на истражувањата на личните перцепции на визуелното ама и на личните страсти, ст(р)авови, победи и порази.

Уметноста на Дакиќ не признава стил и/или развој. Се’ што уметникот ќе создаде е негов „стил“ и негов „развој“, неговата уметност е тој – лично и персонално – и тој е неговата уметност. Целосно и неотповикливо.
Изложбата ќе презентира педесетина негови дела (цртежи, слики и скулптури) работени во последниве триесетина години односно по неговото напуштање на Македонија во 1987 година.