НУ Музички ансамбл на Република Северна Македонија – Тетово в сабота (28.12.2024 г.) во 19:00 часот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе одржи новогодишен концерт.
На концертот ќе бидат изведени најголемите поп-хитови од познати бендови и солисти, како: Стинг, Мајкл Бубле, Тина Тарнер, Андреа Бочели и многу други. Ќе настапат солистите: Фјола Ибраими, Леотрим Зејнула, Елита Зибери, Шпетим Мустафа и Вулнет Незири. Диригент е Премтим Етеми.
Утревечер, пак, во 20:00 часот, Државното музичко училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“, заедно со Музичкиот ансамбл, организира концерт на млади таленти за да ги поддржи и да ги промовира младите уметници кои постигнале значајни успеси на меѓународни натпревари.
Младинскиот оркестар ќе биде предводен под диригентската палка на Агона Чупи, а уметнички раководител и координатор на проектот е познатиот професор и пијанист Шклзен Бафтиари.
На програмата ќе бидат изведени познати дела од композитори на класичната музика, а концертот треба да послужи како сцена на која младите и перспективни уметници ќе ја покажат нивната уметничка умешност и виртуозност.