СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Р.(22) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,запуштање и малтретирање на дете’’. Пријавената, од користољубие и со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, го запуштила детето и го наведувала на питачење. На 10.04.2025, пријавената го однела своето дете на Граничен премин Табановце, при што од полициски службеници било затекнато како питачи.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.К.(43) од Дебар поради постоење основи за сторени кривични дела ,,узурпација на недвижности’’ и ,,бесправно градење’’. Пријавениот, во текот на 2024 година, на дел од катастарска парцела на место викано „Ваковска река“ во државна сопственост, узурпирал земјиште од околу 887,75метри квадратни и на дел од узурпираното земјиште изградил магацин, со што се стекнал со имотна корист од околу 1.757.745 денари.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Д.(41) и О.Д.(54), двајцата од Ресен, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 21.03.2025 при сообраќајна контрола во Ресен, полициски службеници ги затекнале пријавените како со возила вршат јавен превоз на патници без поседување на лиценца издадена од надлежен орган.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава за кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 став 1 од КЗ на РСМ, против Б.М., во моментот на работно место главен инспектор во Одделение за лично обезбедување на министри, поранешни претседатели на РСМ и други личности при ОЗОЛО. Во февруари 2024 година пријавениот како началник на Одделение за лично обезбедување на министри, поранешни претседатели на РСМ и други личности при ОЗОЛО, во евиденцијата за распоред на работни часови за месец февруари, иако знаел дека за две вработени нема изготвени наредби за работа подолга од полното работно време, евидентирал 32 часа, односно 28 часови прекувремена работа и изработил список за исплата на плата за месец февруари во кој ги евидентирал.
На 13/14.05.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Ф.(35), Ф.К.(32), А.А.(22) и Н.У.(21), сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 13.05.2025 во 15.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Индира Ганди“ во Скопје, патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Ј.(22) од Скопје, удрило во малолетен пешак од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 13.05.2025 во 16.30 часот во Полициската станица Радовиш било пријавено дека на крстосницата од улиците „4 Јули“ и „Вардарска“ во Радовиш, Ж.Ѓ.(59) од Радовиш, управувајќи мопед со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Медицински центар Штип. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Радовиш.
На 14.05.2025 околу 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, Р.Ж.(56) од Скопје бил физички нападнат од неколку лица, при што се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.05.2025 во 00.26 часот во Полициска станица Центар, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечиле нивните штитеници Р.Џ.М.(17) и А.Х.(13), кои и претходно се оддалечувале и биле враќани назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Д.(47) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициски службеници пронајдоа и одзедоа марихуана и семки од растението канабис.
На 13.05.2025 во 22.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода В.А.(20) и Е.Е.(23) од село Ваксинце, општина Липково. Тие биле затекнати кај место викано Слупчански бунар, липковско, додека купувале марихуана, при што лицето што им ја продало дрогата побегнало. Подоцна, на 14.05.2025 во 00.30 часот, по преземени мерки, од слобода бил лишен и продавачот А.М.(26) од село Слупчане, општина Липково. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни пријави.
На 13.05.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, С.А.(43) од Скопје пријавил дека околу 16.45 часот на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од Н.П.Р. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 13.05.2025 во 15.55 часот во СВР Скопје, В.Т.(55) од Скопје пријавил дека на паркинг простор на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од М.И.(53) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
