МВР подготвува измени на Законот за полиција – Гумените куршуми се исфрлаат од употреба

Сподели

Министерството за внатрешни работи подготвува измени на Законот за полиција со кои, меѓу другото, се исфрлаат од употреба, односно полицијата нема да може да ги користи гумените куршуми и електричните парализатори како средства за разбивање толпа и насилни протести.

Гумените куршими и електричните парализатори станаа дел од опремата на полицијата со измените на Законот за полиција што Собранието со 59 гласа „за“ ги изгласа во март 2015 година. Според тогашните измени, списокот на средства за присилба што може да ги користи полицијата при нарушен јавен ред и мир предвидува употреба на физичка сила, полициска палка, електричен парализатор, хемиски средства, гумен куршум, службени кучиња, специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

Со новите измени, кои се подготвуваат, членот 91 од Законот за полиција, во кои е уредена употребата на овие средства, е поделен во два става. Во првиот се наведува дека „во случај кога се воспоставува нарушен јавен ред и мир во поголем обем, може да се употребат средствата за присилба и тоа: физичка сила, полициска палка, средства за врзување лица (лисици), уред за присилно запирање возила и службено куче“.

Во ставот 2 се додава дека „покрај средствата за присилба од ставот 1, може да се употребат и специјални возила за јавен ред и мир, пиротехничко-експлозивни средства и хемиски средства“.

Гумените крушуми и електричниот парализатор не се дел од средствата за присилба, односно се исклучуваат од употреба.

Со новите измени се пополнува и дупката во актулениот Закон, околу тоа кој може да издаде наредба за употреба на средствата за присилба.

„Од страна на експертите беше забележано дискреционо право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и недостиг од одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба“, стои во образложението на предлог-законските измени.

Според нив, физичка сила, полициска палка, лисици, уред за присилно запирање возила и службено куче, ќе можат да се употребат „само по наредба на полицискиот службеник кој ја раководи акцијата“, додека за употреба на специјалните возила, притотехничките и хемиските средства, наредба може да даде исклучиво „директорот на Бирото за јавна безбедност или од него овластено лице“.

Инаку, воведувањето на гумените куршуми и на електричните парализатори во 2015 година, во време на тешка политичка криза и протести по објавувањето на прислушуваните разговори од страна на тогаш опизицискиот СДСМ, наиде на жестоки реакции во јавноста.

Тогашното раковдство на МВР ги бранеше ваквите мерки со образложение дека полицијата мора да располага со средства за да се спротивстави на насилството и дека не е добро што има многу полицајци со повреди.

Гумените куршуми особено станаа актуелни откако поранешната директорка на Театар „Комедија“, Јелена Жугиќ, повика на користење на вакви куршуми против демонстрантите од „Шарената револуција“.

„Доста е! Зошто државните институции не ги бранат општествените добра! Каде се гумените куршуми!“, напиша Жугиќ лани во мај, на социјалната мрежа „Фејсбук“, но по жестоките реакции го избриша статусот.

meta.mk