МВР: Запленети 700 кг кокаин – сузбиена организирана криминална група

Сподели

 

Денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи се одржа заедничка прес конференција на МВР и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал во врска со неодамнешната меѓународна операција во која беа лишени од слобода пет лица  припадници на организирана криминална група за купување, пренесување и пуштање во промет на кокаин. Целта на меѓународната операција беше сузбивање на организирана криминална група и лишување од слобода на лицата кои во текот на предистражната постапка беа идентификувани како дел од меѓународна криминална мрежа составена од криминални соработници од РСМакедонија, Шпанија, Колумбија, Белгија и други држави.

 

 

На 18.12.2019 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на меѓународна полициска операција заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, а во координација на службата за борба против дрога на САД-ДЕА при спроведена  полициска операција лиши од слобода пет лица – членови на меѓународна организирана криминална група што организирала транспорт на 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Европа, којшто при продажба на големо би достигнал цена во вредност од околу 20 милиони евра. Целата меѓународна операција беше координирана од полициски штабови во Скопје и во Мадрид каде присуствуваше и полициски службеник од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

 

 

Во симултана операција во Мадрид, во момент на преземање на 700 кг.наркотична дрога кокаин, се лишени од слобода братот на организаторот на групата – резидент на Белгија и двајца шпански државјани, а веднаш потоа во РС Македонија од слобода се лишени организаторот на групата и неговата сопруга.

 

 

На прес конференцијата, министерот Оливер Спасовски ги презентираше активностите што Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во периодот јули-декември оваа година ги презеде под раководство на надлежниот  јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. „Македонската полиција во меѓународната полициска операција имаше клучна улога во поглед на идентификување на криминалната група и се покажа како рамноправен партнер со останатите полициски служби што беа дел од оваа меѓународна полициска операција. Во изминатиот период македонската полиција постигна забележителни резултати при реализирање на меѓународни истраги со обележја на организиран криминал, каде имаше воспоставено партнерски однос со полициите од Западна Европа и воедно нашиот придонес беше препознаен и од страна на ДЕА како резултат на долгогодишна успешна соработка“ – истакна Спасовски.

 

 

Обвинителката Маја Конеска како надлежен обвинител во овој предмет истакна дека на 19.12.2019 година е донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 став 3 од Кривичниот законик. Кривичното дело за кое се гонат двете лица подразбира дека „предмет на работа се припадници на група кои имаат преземено дејствија на неовластено купување, заради неовластено продавање на наркотична дрога – кокаин. Поврзаноста на сторителите во Мадрид со сторителите во Скопје е јасна и евидентна“ – рече Конеска.  По барање на обвинителството, судија на претходна постапка донесе Наредба за извршување претрес на две локации во Скопје и притоа се пронајдени докази кои во овој момент ја потврдуваат основаноста на сомнението.

 

Во текот на предистражната постапка во периодот јули-декември годинава се  преземени низа мерки и активности за утврдување на активностите на организираната криминална група предводена од двајцата македонски државјани. Идентификуван е и документиран модусот на организирање и транспорт на наркотична дрога-кокаин, кој опфаќа: набавка на наркотична дрога – кокаин од Колумбија и нејзино пренесување преку Атланскиот Океан во Шпанија за натамошна продажба со цел стекнување противправна имотна корист. Лидер на оваа група е првоосомничениот кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ,  го ангажирал својот брат со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во овој период ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот. Откако биле договорени сите детали за преземањето на наркотичната дрога-кокаин од Мадрид, на почетокот на месец декември, второосомничената по инструкции на сопругот направила резервација на апартман во Мадрид на име на неговиот брат плаќајќи ја со сопствена кредитна картичка. Исто така, второосомничената во текот на месец октомври оваа година, отпатувала за Мадрид за да во име на нејзиниот сопруг од НН, шпански државјанин подигне парични средства во износ од 10.000 евра, најверојатно поврзани со криминалните активности на оваа криминална мрежа. Карактеристично за оваа организирана криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала на лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите на организираната криминална група и тоа во Скопје, Мадрид, Белград, Дубаи, Канкун и Картагина и преку интернет комуникација со висока заштита.

 

 

Под раководство на надлежниот јавен обвинител Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и понатаму презема истражни мерки и активности во рамки на оваа меѓународна операција, особено заради тоа што постојат индиции за вмешаност на уште еден турски и уште еден грчки државјанин за кои дополнително ќе се утврдува поврзаноста со активностите на оваа група. Во текот на наредниот период ќе биде одржан и координативен состанок помеѓу јавните обвинители на земјите од каде потекнуваат сторителите на кривичните дела или каде се преземени дејствијата на извршување на кривичното дело. На средбата се очекува да бидат споделени информации и да бидат разгледани и разменети прибраните докази согласно Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја што ќе даде јасна слика на севкупниот кривично правен настан и ќе помогне да се заземе заеднички став во која насока ќе оди понатамоната истрага. „Истрагата треба да ги дооткрие сите сторители и учесници во ова кривично дело“- истакна Конеска.

 

колибри (1)

 

На 19.12.2019 година, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и одреди  мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомичениот и мерка куќен притвор за второосомниченото лице.