“Ниту еден систем, институција, или пак поединечно функционирање не ќе може да претендираат на успешност и особено – кредибилност во своето секојдневно работење и егзистирање, доколку не почиваат на начелото на целовитост на највисоките етички и професионални вредности и стандарди. Воспоставувањето и градењето на таквата целовитост, односно интегритет, е примарна задача, дури и обврска за секое општество, за секој негов сегмент, за секој негов поединец”, рече министерот Спасовски на отварањето на денешната работилница на тема ,,Јакнење на интегритетот на полициските службеници“ на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Здружението на новинари на Република Македонија.
Елиминирањето на корупцијата и сите нејзини облици на појавност во полициското функционирање е задача којашто бара сеопфатен, системски пристап, а суштествено за таа цел е издигнување на професионалното достоинство и интегритет на полициските службеници како базични принципи на поведение и работење, рече министерот Спасовски..
„Наша примарна должност е да ги овозможиме сите елементарни услови за работа, да изградиме норми и стандарди за неспорно легалистичко постапување. Во таа насока нашите заложби се во позитивен смисол да ја реафирмираме улогата и позицијата на полицискиот службеник како во системот на МВР така и во очите на граѓаните чии што сервис е нашата институција.
Без совесност, без одговорност, без чувство за лојалност и чесност, без посветеност и мотивираност, реформи – не се можни. Тоа е клучниот аргумент зошто МВР мора да инвестира во воспоставувањето на професионалниот интегритет на полициските службеници“, рече министерот Спасовски.