МЗ: МРП вакцините се со важечки рок и проверен квалитет

Сподели

Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител GlaxoSmithKline од Белгија. МРП вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има 2 сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок.

Воедно ве информираме дека деновиве е направена внатрешна контрола во сите здравствени домови, при што е утврдено дека во вакциналните пунктови пронајдени се вкупно 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кои бил со важност до месец октомври 2018 година. Истите се пронајдени во ЗД Крушево, ЗД Струга, ЗД Велес, ЗД Демир Хисар, ЗД Крива Паланка, ЗД Вевчани, ЗД Охрид и ЗД Скопје – стои во денешното соопштение на Министерството за здравство.

Направен е и вонреден инспекциски надзор од страна на МАЛМЕД во Скопје. Во текот на утрешниот ден инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде е детектирано дека има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во остантите градови. По завршување на инспекцискиот надзор, ќе имаме повторна средба со МАЛМЕД по што ќе следи дополнително известување за медиумите.

На денешниот состанок на Комисијата за заразни заболуања, потврдивме дека денеска до 10 часот во Скопје се хоспитализирани 7+1 дете, вкупно 8 деца за едно деноноќие, сите деца се на возраст од 2 години и сите од населбата Ново Лисиче од Скопје и сите оделе во градинката „Сонце“.