За првпат од функционирањето на мамографски скрининг воведуваме значајна новина за двојно читање на мамографските слики, кои ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози, со искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки.
Овој начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите мамографски центри во Скопје – ГОБ „8 ми Септември“, Институт за радиологија и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара градска), како и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид за што е направена надградба на националниот електронски систем МојТермин.
Месец октомври е месец за превенција од рак на дојка, за таа цел потсетуваме да направите самопреглед на дојка, да закажете ЕХО на дојка преку вашиот матичен лекар, а доколку сте на возраст од 50 до 69 години јавете се на бесплатниот телефон 0800 15 444 и закажете мамографски преглед.
За пријавените жени од оваа возрасна група, кои ќе бидат опфатени со скринингот, мамографскиот преглед ќе биде бесплатен, а средствата се обезбедени преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања при Министерството за здравство – информираат од Министерството за здравство.