Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје ја информира јавноста за пуштањето во сообраќај на новите 3 електро локомотиви серија 443 (од вкупно 4) од производителот ЦРРЦ ЗЕЛЦ од ЖуЖо, Кина, набавени со Проектот за Ревитализација на возниот парк на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, проект финансиран од Европската Банка за Обнова и Развој, а со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски. Вредноста на 3-те нови локомотиви изнесува 6. 414.000 Евра, додека Договорот за сите локомотиви, вкупно 4 по број, изнесува 8.678.600,00 Евра.
Со пристигнувањето на новите 3 електро локомотиви, се заокружува Проектот за Ревитализација на возниот парк на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје, што претставува големо задоволство за нас, имајќи предвид дека последните локомотиви кои се купени датираат пред 45 години, во далечната 1975 година.
Овие електро локомотиви се изработени согласно најстрогите европски директиви, критериуми и стандарди и ќе овозможат поквалитетен, побрз и побезбеден железнички превоз на пругите на територијата на Република Северна Македонија.
“Изразуваме голема благодарност до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за транспорт и врски и Европската Банка за Обнова и Развој, како и на сите вработени во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје за напорите и трудот кои ги вложија за денес ние да бидеме горди на новото лице кое ќе го добие железницата во Република Северна Македонија со новите електро локомотиви.”- стои во денешното соопштени на Македонски железници.