Кривичниот суд во Скопје ги одобрил обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство за случаите „Тарифа“ и за „Траекторија“. Како што дознаваме, Советите за оценка на обвинителните акти дале зелено светло овие два предмети да одат на судење.
Тие сега треба да бидат распределени кај судии и да бидат закажани датумите за почеток на главната расправа.
Во случајот „Траекторија“, кој се однесува на злоупотреби поврзани со изградбата на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, обвинети се поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски во истиот предмет е обвинет за примање награда за противзаконско влијание.
Во предметот „Тарифа“ обвинети се три лица кои се товарат дека преку злоупотреба на службената положба и овластување набавиле софтверски систем за потребите на државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) кој не бил имплементиран.
Инаку, обвинителниот акт за случајот „Траекторија“ го оценуваше Совет на чело со поранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд, Татјана Михајлова, а обвинението за „Тарифа“ беше распределено и по него одлучуваше Совет предводен од судијката Лидија Петровска