На Косово тензична состојба

Сподели

 

Тајмингот на апсењата во северна Митровица, наведува на сомнеж дека оваа работа има врска со редовната истрага. Реакциите на режимот во Белград, пак, се сведуваат на грижа за сопствениот опстанок на власт.

Полициската акција во северна Митровица и апсењето на четворицата Срби е продолжение на низата тензии на Косово по драконското зголемување на царините за српски производи. Косовската полиција притоа трага по добро познатото лице- Милан Радончиќ, за кого се зборува дека е главен човек на Вучиќ на Косово, како и оти управува со тамошното подземје.

Во петокот, според планот на Белград, Србите на Косово одржаа мирен протест, но е продолжена и вербална војна со КФОР и со Приштина.

КФОР соопшти дека немало никакво движење на трупите и оти се’ што се случило е само полициска акција поврзана со истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ. Официјален Белград негодуваше поради таквата верзија на случувањата, и нагласи дека веќе нема доверба во КФОР и во НАТО.

Заложници на политиката на СНС

Официјалната верзија која од венецот на Андриќ ја диригира Александар Вучиќ пропишува дека сите случувања се толкуваат само како обид да се заплашат Србите и како притисок да го напуштат Косово. Во Белград се смета оти се’ што презема Приштина е направено со благосов на „некои повисоки сили“ и дека конечна цел е Србија да се доведе до свршен чин и да признае независност на Косово.

Но, колку заканувачки изгледа ситуацијата за српските власти покажуваат и последните настапи на Вучиќ кои главно беа посветен на анализата на опозициските изјави, и на инсистирање дека една од целните мерки на Приштина е да ја сруши власта во Белград. Во таа атмосфера- здружени сите против Вучиќ и напредокот на Србија – вчера вечер им беа дупнати главите и искршени забите на опозициските политичари од Левица на Србија во Крушевац.

Сепак, Соња Бисерко, претседателка на Хелсишкиот комитет за човекови права во Србија, и новата ескалација на Косово ја гледа како продолжение на договорот во сенка. „Се’ што се случува оди кон остварување на планот за поделба на Косово. На сцена постојано имаме некој вид договорено однесување, за во одреден момент одделни меѓународни актери да се согласат за тој план. Постои сценарио, кое за жал, добива легитимитет и во одделни земји во меѓународната заедница“, вели Бисерко за ДВ.