На локацијата на Скопскиот саем ќе се гради проектот “East Gate”

Сподели

Групацијата „Балфин“ синоќа го презентираше проектот „Ист гејт“ (East Gate), кој треба да се гради на местото на поранешен Скопски саем.

Инвестицијата ќе чини 350 милиони евра и ќе се отворат над 2.000 работни места.

– „Балфин“ е компанија чиј бизнис е фокусиран не само на создавање економски, туку и на општествени вредности на пазарите на кои што работи. Искрено сакаме да го подобруваме животот на заедницата и нејзиниот развој, да ја заштитиме животната средина и да го збогатиме културниот и обрзовниот процес. „Ист гејт“ ќе се придржува до сите овие вредности и затоа веруваме дека проектот ќе биде инспиративен не само за нас, туку и за Скопје, за Македонија, но и пошироко – истакна Самир Мане, претседател на групацијата „Балфин“ која што стои зад многу проекти, а дел од неа е и мрежата на продавници на „Нептун“, која синоќа, исто така прослави 20 години постоење.

„Ист гејт“ е планирано да се простира на површина од 152.000 квадратни метри. Проектот ќе содржи трговски центар, дел за домување и канцелариски парк од највисоката класа. Се очекува дека сето ова ќе даде дополнителен поттик за зголемена економска активност во Скопје.

– Ова ново мало чудо што вечерва го нудите преку екраните, а во пракса ќе биде здание што ќе го краси главниот град на нашата Македонија, убеден сум дека уште еднаш ќе ја потврди вашата деловна креативност, ќе помогне во економскиот раст на Македонија, ќе отвори нови работни места и секако, ќе биде нешто кое што ќе биде наше, заедничко – рече премиерот Зоран Заев кој исто така беше присутен на презентацијата на проектот и на одбележувањето на 20 години „Нептун“ во Македонија.

Проектот „Ист гејт“ ќе вклучува трговски центар чија нето површина за изнајмување ќе биде 51.000 квадратни метри, резиденцијален комплекс со 1.600 станбени единици и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри.

Шопинг центарот ќе биде најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија и освен голем број светски брендови, ќе има многу содржини за забава, фитнес, како и паркинг простор за повеќе од 2.000 автомобили.

Во станбениот комплекс ќе има паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри.

Во оваа фаза се размислува „Ист гејт“ да стане првата населба во Скопје чии што становите ќе бидат приклучени на природен гас за домаќинства. Целиот проект се планира да се комплетира во период од пет до седум години.

На промоцијата во хала 1 на Скопскиот саем, покрај премиерот Заев, присуствуваа и собранискиот спикер, Талат Џафери, лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вицепремиерот Бујар Османи и голем број на бизнисмени.