Утре, со почеток во 11 часот, на Медицинскиот факултет во Скопје, (амфитеатар во деканатот), ќе се одржи научно – културен собир „Македонско – хрватски допири“, каде ќе стане збор за македонско – хрватската соработка на планот на медицината и културата.
Низ содржини кои ја тангираат темата, ќе се одбележи 100 години од раѓањето професор др. Никола Георгиевски, еден од втемелувачите на Медицинскиот факултет во Скопје, во светло на одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на Медицинскиот факултет.
Исто така, се одбележува и првата десетгодишнина од функционирањето на невладината организација “Хрватско – македонска тангента”, при што ќе биде промовирана книгата „Дострели на една визија“ од Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонската тангента и амбасадорот Љупчо Арсовски.
Делувањето на Тангентата низ упорното и континуирано хранење на македонската култура и традиција во допор со хрватската култура, создава дошполнителна вредност на македонско-хрватското пријателство збогатено со црвсти и трајни врски.
Книгата „Дострели на една визија“ од авторите Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонската тангента и Љупчо Арсовски, амбасадор, опфаќа периодот од 10 години на активност на оваа невладинаа организација, со седиште во Хрватска, а која има меѓународно делување. Низ книгата се нуди запознавање на јавноста со практиката и теоријата на една организација , со реалните дострели и граници.
Промотор на книгата е Томислав Османли, а водител на промоцијата Јасмина Миронски.
Проф. д-р Никола Георгиевски има свој придонес во иницијалниот развој на Медицинскиот факултет во Скопје, пред седум децении, но, и потоа со неговите пошироки општествено-политички, хуманитарни, дипломатски и меѓународни активности како републички и сојузен функционер и експерт на Светската здравствена организација.
Со тоа професор Георгиевски, остави широк траг зад себе на кој го потсетуваме по повод на неговата 100-годишнина од раѓањето.
Истовремено, професор Георгиевски, е и основоположник на Црвен крст на Македонија, заедно со Даре Џамбаз и Димче Зографски и прв Македонец кој е поставен на местото претседател на Црвен крст на Југославија.
Веле Митаноски