На Плевља и се заканува Чернобилско сценарио

Сподели

Децениските проблеми како намалувањето на зелените површини и големото загадување во Плевља, Црна Гора, доведоа до масовно иселување на дел од населението. Оние кои одлучија да останат во овој град, се соочуваат со опасност по своето здравје. Ако нешто конкретно не биде направено наскоро, Плевља може да стане Чернобил на Балканот.

„Кога неодамна го прашав дали ја посетува Плевља, добив тажен одговор од еден млад жител на Плевља кој живее во „дијаспората“, а знаеме каде ја имаме најбројната „дијаспора“ од Плевља (во Подгорица и можеби во градовите покрај морето). „Ретко одам таму, немам никаква желба, а кога ќе заминам по три дена разбирам и зошто немам желба да се вратам и зошто си заминав од Плевља“ изјави за Рес публика друг наш соговорник кој сакаше да остане анонимен. И тој е од Плевља, но сепак решил да не си замине од родниот град.

Сложените, повеќедецениски еколошки проблеми во Плевља, општина во северниот дел на Црна Гора, се вистински пример за тоа како масовното загадување на воздухот, земјата и водата, несоодветната инфраструктура за управување со отпадот, несоодветното управување со рудниците и депониите и намалувањето на биолошката разновидност можат да уништат еден град.

Според прелиминарните резултати од Пописот на населението во 2023 година, Плевља има околу 26 илјади жители, што е за околу пет илјади помалку од пописот во 2011 година. Трендот на намалување на населението постојано продолжува, бидејќи во 2003 година Плевља имаше околу 36 илјади жители, а во 1971 година – дури 46 илјади. Тоа значи дека за нешто повеќе од половина век бројот на жители во Плевља е преполовен.

И зошто е тоа така?

,,Главен еколошки проблем во Плевља е високата загаденост на воздухот, особено за време на грејната сезона, која на северот од земјата трае и до девет месеци во годината“, вели за Рес публика граѓанскиот активист од Плевља, Кемал Пајевиќ.

Освен огромното загадување на воздухот, вели тој, граѓаните на Плевља честопати имаат проблем и со снабдувањето со вода за пиење, бидејќи градскиот водовод не е технички спремен да го спречи заматувањето на водата при обилни врнежи. Таквата состојба понекогаш трае и по неколку месеци, а на граѓаните им се испорачува само техничка вода“, вели Пајевиќ.

Без основните услови за живот – чист воздух и вода, не е ни чудо што жителите на Плевља заминуваат или во други градови во Црна Гора или во странство. Според податоците на Управата за статистика МОНСТАТ, само во период од осум години, од 2014 до 2022 година, од Плевља се иселиле околу две илјади луѓе. Овој град од година во година се соочува и со негативна стапка на природен прираст на населението.

Според сајтот World of Statistics, Плевља во 2023 година беше најзагаден град во Европа.

Загадувањето на воздухот во Плевља е под влијание на термоелектраната (ТЕ) „Плевља“ (која е клучен капацитет за производство на електрична енергија во Црна Гора) која користи лигнит, што е вид јаглен со висока содржина на сулфур и што резултира со високи емисии на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOₓ) и штетни ПМ честички. Освен тоа, квалитетот на воздухот го влошуваат и разните индустриски постројки, каменоломите, рудникот за јаглен, олово и цинк, депонирањето на комуналниот отпад во Јагњила, сообраќајот, шумските пожари и горењето на отпадот на отворено, како и огништата во секое семејство (станува збор за неколку илјади), бидејќи во текот на зимата голем број на жители на Плевља користат јаглен за греење.

Сето ова значи дека во Плевља присуството на штетните ПМ10 честички во воздухот, наместо дозволените 35 дена во годината, значително е надминато и се регистрира дека е присутно во текот на дури 200 дена во годината.

Реката Ќехотина, која минува низ Плевља и е најважниот градски водотек, исто така е сериозно загадена, не само поради тешката индустрија туку и поради несоодветниот третман на отпадните и канализациските води. Долината на реката Ќехотина е кандидат за ЕМЕРАЛД област (клучно живеалиште за зачувување на биолошката разновидност во Европа) но таа трпи последици од тешките метали и другите отровни материи кои потекнуваат од рудниците за јаглен во Плевља, а исто така е уништувана и од Мједничкиот поток, кој е еден од најзагадените водни канали во Црна Гора и кој се влева во оваа река, низводно од рударската населба Градац.

Од рудникот за јаглен „Плевља“ исто така се испуштаат и големи количества сулфур диоксид, азотни оксиди, честички прашина и други штетни материи, што доведува до појава на смог и кисели дождови кои негативно влијаат врз здравјето на луѓето и животната средина. Исто така, отпадните води од рудниците честопати ги загадуваат локалните водотеци со тешки метали, сулфурна киселина и други отровни материи, а површинските ископи за експлоатација на јаглен доведуваат до големи промени во пределот, како што се намалувањето на растителните и животинските популации и ерозијата на почвата.

Несовесното управување со депонијата Маљевац исто така има долгорочни последици за земјоделството, кое е дејност од која живеат голем број граѓани на северот на Црна Гора, а со тоа и во Плевља.

Сите овие индустриски активности имаат влијание на здравјето на мажите и жените од Плевља.

Најчести загадувачи, за чие влијание врз здравјето на луѓето се подготвени повеќе студии, се ПМ10 и ПМ2,5 честичките, сулфур диоксидот, азотниот диоксид, јаглерод моноксидот, озонот, метанот, живата и саѓите кои потекнуваат од согорување на јаглеводородните гасови. „Сулфур диоксидот е најчестиот загадувач при согорувањето на јагленот, а со своето иритирачко дејство предизвикува кашлање, контракција на бронхиите и зголемено лачење на бронхијален секрет. Честичките доведуваат и до појава и прогресија на кардиоваскуларни заболувања и ја зголемуваат смртноста од овие болести. Утврдено е и тоа дека тие се канцерогени за луѓето“ – ова се предупредувањата кои се содржани во Локалниот акциски план за заштита на животната средина за Плевља за периодот од 2022 до 2026 година.

Извор: nova.rs

Тоа го потврдува и Анализата за влијанието кое аерозагадувањето го има врз здравјето на луѓето во Црна Гора (за општините Плевља, Никшиќ и Подгорица) која беше подготвена во 2016 година од страна на од Светската здравствена организација (СЗО) и од повеќе црногорски државни институции. Во неа се констатира дека во овие три града има повеќе од 250 предвремени смртни случаи и 140 приеми во болница секоја година, а тука се и повеќето други последици врз здравјето кое се директно поврзани со изложеност на зголемените концентрации на ПМ честички. Пресметките на СЗО покажаа дека 22 проценти од сите смртни случаи во Плевља можат да му се припишат на загадениот воздух.

Правичната транзиција доцни

Kако кандидат за членство во Европската унија (ЕУ), Црна Гора се обврза да даде свој придонес кон глобалното намалување на емисиите на стакленички гасови и да ги усогласи своите политики со Зелениот договор на Европската Унија, според кои европскиот континент ќе биде климатски неутрален до 2050 година. Тоа подразбира праведна транзиција, што значи постепено напуштање на јагленот како извор на енергија и греење, а сето тоа во согласност со потребите на луѓето.

Развојот на Плевља со децении се заснова на експлоатација на јаглен, и тоа не само во рудникот за јаглен и термоелектраната, каде што работат околу четвртина од сите вработени жители на Плевља, туку тоа се прави и преку поголем број на поврзани компании. За повеќето жители овие работни места се единствениот извор на приходи. Државата, но и привилегираните инвеститори, исто така остваруваат добар приход од оваа дејност.

Пајевиќ предупредува дека веќе има значителни одложувања во работите кои се однесуваат на праведната транзиција во Плевља. „Локалната власт и Владата на Црна Гора мораат што поскоро да започнат со реализација на работите кои се поврзани со праведната транзиција. Потребно е веднаш да се почне со изградба на нови еколошки прифатливи производствени капацитети кои во догледно време би го замениле производството на јаглен и работењето на термоелектраната „Плевља““, вели тој и посочува дека еден од основните еколошки проекти за Плевља е централното греење за овој градот. „На тој начин би престанало работењето на градските топлани и на индивидуалното греење кај околу 4.500 домаќинства. За жал, реализацијата на овој проект исто така се развлекува“.

Според најавите од Електростопанството на Црна Гора (ЕПЦГ), со податоци од крајот на 2023 година, проектот за централно греење на Плевља треба да биде готов до почетокот на грејната сезона во октомври 2025 година, кога потрошувачите од централното градско подрачје би биле приклучени на новата грејна цевка. Но, овој проект директно зависи од еколошката обнова на термоелектраната „Плевља“ и тој не може да се реализира без неа. Работите на оваа еколошка реконструкција на термоелектраната „Плевља“ започнаа во средината на 2022 година, а се планира да завршат во октомври 2024 година. Ги спроведува конзорциум составен од кинеската компанија DEC International, Bemax, BBsolar и Permonte, а вредноста на работите е околу 60 милиони евра.

Меѓутоа, сите овие активности, кои треба да ја подобрат состојбата на животната средина и животот општо во Плевља, напредуваат многу бавно. Рес публика ја контактираше општината Плевља и ѝ постави повеќе прашања – кои еколошки проблеми локалната самоуправа смета дека се приоритетни за решавање и што конкретно се прави за санирање на еколошките црни точки во Плевља, како и во која насока се размислува за развојот на Плевља како зелен, здрав и самоодржлив град. До објавувањето на овој текст не успеавме да добиеме никаков одговор.

„За мене, најлошата ‘карактеристика’ на мојот град е колективниот менталитет на губитник, односно постојаното ‘мразење’ и жалење како Плевља згаснува. Со еден ваков пристап хејтерите ќе ги избркаат и оние малку млади луѓе кои имаат намера да останат да живеат во Плевља. Тие формираат свои семејства, се вработуваат, формираат бизниси и, очигледно, создаваат некаква основа за живот во родниот град“, вели младиот жител на Плевља од почетокот на овој текст.

Градови кои нашле решение

Постојат градови кои докажуваат дека е можно да се надминат сериозните еколошки проблеми преку решително делување, донесување на соодветни регулативи и примена на иновативни пристапи.

Американскиот град Гринсбург во Канзас, кој има само околу илјада жители, беше целосно уништен во силно торнадо во 2007 година. Соочени со потребата од целосна обнова, жителите и локалната администрација на овој град донесоа одлука тој да почне да користи ветер за производство на електрична енергија и да стане еколошки одржлив, што доведе д тоа да се изградат објекти со LEED сертификати (Leadership in Energy and Environmental Design). Повеќето општински објекти, училишта и болници се изградени на овој начин а голем дел од нив ја апсорбираат атмосферската вода и го складираат отпадното масло за греење зимно време. Гринсбург стана атрактивен и за туристите, па голем број на луѓе доаѓаат да ги посетат овие објекти.

Уште еден пример е германскиот град Фрајбург кој имаше големи проблеми со загадувањето во периодот на 1970-тите години. Вложени се многу пари во соларни панели и енергетска ефикасност, така што овој град денес е познат како еден од најзелените градови на светот. Слично е и со Рејкјавик, кој во текот на 20-от век имаше големи проблеми со квалитетот на воздухот поради употребата на фосилни горива за греење. Со текот на времето, градот се префрли на користење на геотермална енергија и хидроенергија, што драстично ги намали емисиите на стакленички гасови и го направи Рејкјавик пример за град кој речиси во целост користи обновливи извори на енергија.

Јапонскиот град Камикацу исто така се соочуваше со проблемот на прекумерен отпад и немање соодветен систем за негово отстранување. Во оваа смисла, се спроведе програма за рециклирање која имаше зацртано амбициозна цел – Камикацу да стане град со „нула отпад“. Неговите граѓани денес го одвојуваат отпадот во дури 45 различни категории за рециклирање, а градот стана пример за тоа како треба да изгледа управувањето со отпад во руралните средини.

Партиските активности се поважни од подобрувањето на градот

Современата наука овозможува разни начини за справување со сите овие проблеми. Прашањето е само дали во Плевља постои политичка волја и одговорна власт за да се спроведе такво нешто или, сепак, поважни се профитот и личните, а честопати и партиски интереси, за сметка на природата и урбаниот развој?

Подготвени и одговорни власти од локалните институции чија задача е да се занимаваат со заштита на природата би биле порешителни во намерата да донесат посериозни закони и прописи кои се однесуваат на работењето на индустриските постројки, сообраќајот и на другите извори на загадување во Плевља.

Тие би поттикнувале поефективни инспекциски активности, како и построги казни за оние кои ги прекршуваат законите за заштита на животната средина. Би ја промовирале употребата на обновливи извори на енергија, би развивале еколошки јавен транспорт, би саделе дрвја и би создавале урбани зелени површини кои можат да го подобрат квалитетот на воздухот. Тие исто така би инвестирале во пречистителни станици и филтри за емисиите од индустриските постројки и дополнително би развиле систем за рециклирање и правилно управување со комуналниот отпад.

Поинтензивно би ги едуцирале граѓаните во врска со еколошките прашања и би овозможиле, преку разни иницијативи, истражување на нови технологии и пристапи кои можат да го намалат загадувањето. Поактивно би ги користеле меѓународните фондови наменети за еколошки проекти и би ангажирале домашни или странски експерти за примена на најдобрите практики, би организирале јавни расправи и на тој начин би ја вклучиле и заедницата во процесот на одлучување. И конечно, подготвените и одговорни власти би барале да се обезбеди континуитет на сите овие активности, без разлика на политичките промени и промени на власта што се случуваат и ќе се случуваат во градот.

За жал, јавноста во Плевља е сведок токму на спротивното. Иако постојат закони и казни за оние кои ја уништуваат природата, тие слабо се спроведуваат. Обновливите извори на енергија се користат недоволно – иако во последниве години државата го поттикнува производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, сепак повеќе од 80 проценти од произведената електрична енергија потекнува од „традиционалните“ капацитети, т.е. ТЕ „Плевља“ и двете хидроцентрали – Перуќица и Пива. Ова го покажува извештајот на Регулаторната агенција за енергетика и регулирани комунални дејности (РЕГАГЕН) за 2022 година, која беше објавен во јули 2023 година.

Во Плевља има сè помалку зелени површини, системот за рециклирање е недоволно развиен, комуналниот отпад може да се види и надвор од контејнерите, а „развојот“ на систем за пречистување на отпадни води најдобро може да се види преку загадените реки што течат низ Плевља – Ќехотина и Везишница. Досега се покажа дека, за локалните власти во овој град, без разлика за која политичка партија станува збор, поважни се партиските активности за самопромоција отколку општествено одговорните активности.

Пример за ова, меѓу другото, се партиските вработувања кои се долгорочен проблем во Плевља (но и во Црна Гора воопшто) и кои оневозможуваат стручни луѓе да дојдат на важни позиции, како што се позициите кои се важни за грижа за природата. Наместо тоа, се примаат политички подобни луѓе поради што последни на листата на приоритети се подигањето на јавната свест за екологијата, организирањето јавни дебати, користењето на меѓународните фондови и изработката на националните стратешки документи. Кога некој ќе дојде да го води градот, тој повеќе се фокусира на политичката борба а помалку на подобрувањето на Плевља.

„Сегашните локални власти се обидуваат, во некој црногорски контекст, да направат Плевља постојано да биде во фокусот на јавноста во однос на негативни работи, во прв ред националистичките работи. Последен пример за тоа беше одбивањето да се прослави Денот на независноста на Црна Гора – 21 мај, што предизвика разни негативни реакции а ги турна настрана другите важни теми. На жителите на овој град им треба големо ребрендирање. Зошто? Затоа што Плевља во црногорските и регионалните рамки е жигосана како балкански Чернобил, како место од постапокалиптична серија со зомби“, вели соговорникот на Рес публика на почетокот на текстот.

Тој смета дека виновни за ваквата „репутација“ првенствено се самите жители на Плевља, бидејќи не прават доволно за да истакнат некои други нејзини позитивни карактеристики и не се борат доволно за својот град. „Сето ова е поврзано со приказната за менталитетот на постојано жалење во врска со сè. Тоа треба да се смени, бидејќи Плевља е многу повеќе од рудник, термоцентрала и сите нуспојави на тие дејности“, заклучува тој.

Автор: Андреа ПЕРИШИЌ за Республика