На товар на државата од коронавирус ќе се лекуваат и пациенти на кои не им е подмирено здравственото осигурување

Сподели

 

Владата на вчерашната седница ја усвои и Уредбата со која се уредува ограничување на правото на исплата на паричните паушали на извршните членови на Одборите на директори, паричните надоместоци на претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа и претседателите и членовите на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од Владата и органите на единиците на локалната власт, кои се истовремено вработени за време на траење на вонредната состојба.

Според Уредбата, на овие лица, заклучно со месец декември 2020 година не им се исплатуваат парични надоместоци, како и надоместоци за патни и други материјални трошоци.

Оваа уредба не се однесува на лица кои на денот на влегување на сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на РС Македонија.

Во рамки на 36-тата седница, беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба според која на осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Оваа Уредба за лекување од КОВИД-19 на товар на Фондот, се однесува и на државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ.