Најновата “офанзива” од Софија го усложни амбиентот за уставните промени – Соња Крамарска

Сподели

 

Последните случувања ги направија преговорите далечни, а поради неутралниот тон што го зазеде ЕУ кон бугарската офанзивност кон Македонија, евроскептицизмот ќе зема нови „жртви“ на своја страна, пишува Соња Крамарска за Республика.

Соња Крамарска

Кога за првпат беше спомнато барањето на Бугарија за уставни измени, односно внесување на Бугарите во македонскиот Устав, многумина помислија дека е тоа услов што може лесно да се исполни. Да и дадете на една малцинска заедница место во конститутивниот акт откако во него веќе се наведени четири други малцински заедници покрај македонскиот народ, не би требало да претставува проблем. Но ако тоа доаѓа под притисок на соседот за кој сте сметале дека ви е пријател, тогаш на сцена стапува отпорот. Личниот и општествениот.

Да се каже сега, во овој момент, дека државата и општеството се против воведувањето на Бугарите во Уставот, е тврдење кое би можело да биде блиску до факт. Затоа што последните настани со инцидентот во Охрид и начинот на кој Бугарија му пристапи и го експлоатира за својата антимакедонска агенда, не оставија кај никого симпатии за бараната уставна модификација.

Tоа, пак, толку ја отежнува позицијата на Владата, што изведувањето на една таква политичка операција е невозможна мисија. На политички план вистинско Ватерло, после кое и Владата и социјалдемократите како водечка партија во власта, нема да можат да се соберат повторно. Како Наполеон кој тргна во битка сигурен дека неговите дотогашни успеси ќе го одведат во нова победа, а заврши разоружен и поразен.

Владата уште од сега се соочува со гневот на јавноста, но уште повеќе со уцени во парламентот кои не се толку гласни и видливи како што се бугарските, но се еднакви по интензитет, и го доведуваат во прашање и нејзиниот опстанок доколку повторно не се вмешаат меѓународните фактори да ги зауздаат апетитите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива.

Ќе влезе ли „во игра“ Алијанса за Албанците?

Оттука и можното влегување на Алијанса за Албанците во Владата, е само карта која се фрла во играта со крајно неизвесен исход. Затоа што, и со влегување на Алијанса во Владата, бројката на можни гласови „ЗА“ уставните измени од 64 ќе се искачи на 72, што е повторно недоволно и прилично далеку од потребните 80.

Покрај тоа, владиното единство кое и без тоа е нарушено со колебањата на Павле Трајанов од Демократски сојуз кој бара албанските партии да немаат повеќе од 25 отсто министри во Владата, да се усвои изборен закон со една изборна единица, реципроцитет од страна на Бугарија за македонското малцинство таму, може уште повеќе да се разниша поради антагонизмот кој владее меѓу албанските партии, кои би биле заедно во власта.

Покрај тоа, влезот на Алијанса за Албанците автоматски ќе значи и мини реконструкција на Владата што и во редовни околности е стрес за партиите, а не пак сега кога владејачката гарнитура се наоѓа под жесток притисок за присутната корупција, партизираното правосудство и од бројните фракции во албанскиот кампус организирани во таканаречената „огнена група“ која ги држи на нишан клучните играчи на Али Ахмети во власта, Артан Груби и Бујар Османи.

Извор: skopje1.mk

Ќе биде вистинско изненадување и политичка виртуозност ако Ковачевски во такви сложени околности успее да собере 80 гласови во парламентот за уставни измени. Притоа е важно да се спомене дека во овој момент и самото споменување на уставните измени ќе биде како фрлање шок бомба од која сите ќе се разбегаат. За ова секако вината е во Бугарија, бидејќи се потруди инцидентот во Охрид да го издигне на ниво на меѓудржавен судир, а во Македонија повторно да ја разгори дискусијата дали бугарските барања имаат крај или ова е само почеток.

Оттука, ако и имало некакво сценарио од источниот сосед или од негови инсталации да се дестабилизира политичката сцена во Македонија во овој период, реализирано е во „вистинско време“, затоа што сега требаше да почнат прелиминарните консултации за уставните промени. Со успешното завршување на овој процес, Македонија на почетокот на идната година требаше да ги почне суштинските преговори за членство во ЕУ.

Однесувањето, меѓутоа, на Бугарија ги пишмани и најголемите оптимисти кои се приклонија кон верувањето дека тоа е последната препрека. Демантот го даде самата Бугарија инструментализирајќи еден случај на тепачка, мултиплицирајќи ги штетите со претерени дипломатски чекори како задржување на амбасадорот и усвојување на декларација од страна на парламентарната Комисија за надворешна политика небаре Македонија им објавила војна.

Протатне дури и воениот авион, истиот со кој во знак на пријателство и добрососедство, бугарскиот шеф на вооружените сили доаѓаше да го земе на скопскиот аеродром својот македонски колега и заедно да одат на НАТО состаноците во Брисел.

Загубена доверба

Декларацијата, на повеќе начини ја покажува решеноста на официјална Софија инцидентот, повреденото момче и неговото семејство да ги искористи за своите планови, да ја колективизира вината на цела држава, на Владата во Скопје да и нанесе непоправливи штети а операцијата за уставни промени да ја направи невозможна.

Историјата еден ден сигурно ќе каже дали Бугарија сакала рампата што ја спушти на патот на Македонија кон ЕУ да ја претвори во железна завеса зад која ќе може да ги остварува своите натамошни сценарија.

Изјавите на шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговото панично заминување во Бугарија на дипломатско-лекарска визита на повреденото момче, од друга страна, го зацврстија уверувањето на јавноста дома дека македонската дипломатија не е на висината на задачата и дозволи да биде вовлечена во бугарското сценарио каде само еден е виновен и треба да ги поправа грешките, а другата страна е безгрешна. Дури и кога Ангел Џамбаски среде Скопје извикува негаторски пароли кон Македонија.

Обидот да се смират страстите кој ненадејно дојде од Софија преку конструктивните пораки на нивниот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и враќањето на амбасадорот Ангел Ангелов, даде засега нов правец на настаните. Но што правиме со загубената доверба и дали во иднина секој инцидент ќе биде користен од бугарска страна за тајм аут во евроинтеграциските процеси на Македонија и дополнително еродирање на вербата кај македонската јавност во преговарачката рамка што пристигна од Брисел виа Софија?

И да, во овој напис многу редови потрошивме на најновите случувања меѓу Македонија и Бугарија, но тоа е разбирливо бидејќи ова заострување на односите придонесе за намалените капацитети на Владата да издејствува уставни измени во парламентот, и целата операција да се претвори во Ватерло за Ковачевски и неговата екипа.

На Владата и се одземени сите асови од ракавот во реализацијата на клучниот дел од преговарачката рамка – внесување на Бугарите во Уставот, и ја остави на бришан простор без можности да пронајде аргументи за прифаќање на бугарското барање. Особено по тврдењата на бугарскиот пратеник Даниел Лорер дека всушност бугарски државјанин е едниот од напаѓачите на Христијан Пендиков, што дава сосема друга димензија на инцидентот.

Доколку уставните измени не успеат, тоа со голема сигурност може да води до предвремени избори. Неуспехот Владата за својот клучен проект да добие двотретинско мнозинство, може да се протолкува и како недоверба кон нејзините политики, што остава простор за опозицијата жестоко да притисне за избори.

Поекстремната варијанта би била Владата во обид да одбегне натамошно влошување на политичката атмосфера да тактизира додека може, и да не го внесува ова горливо прашање во рингот. И двете варијанти се неповолни за Владата, затоа што од другата страна го има меѓународниот фактор кој се залага за намалување на тензиите на Балканот и очекува Владата да влезе во операцијата за смена на Уставот.

Облаци над европската иднина

Исто така е сосема извесно дека Западот ќе сака и да оди на сигурно, и дека е свесен дека Ковачевски ја нема политичката моќ на неговиот претходник да добие гласови и од ВМРО-ДПМНЕ. Но исто така е извесно и дека Мицкоски, поучен од претходното искуство во 2018/2019 со гласањето на дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кога се гласаше за уставните измени за името, овојпат нема да дозволи да му се оттргнат од контрола пратеници и да гласаат „за“ новите уставните измени. Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ знае дека уште еден таков „внатрепартиски инцидент“ ќе ја запечати неговата лидерска кариера и ќе го испрати во партиската историја.

Овие облаци над европската иднина на Македонија нема скоро да поминат. Бугарија на 2 април оди на избори, и иако во овдешната јавност се прогнозира дека централна тема на кампањата ќе бидат односите со Македонија, пореално е дека Бугарија сепак ќе ги дискутира во кампањата своите домашни прашања: потребата за политичко стабилизирање, корупцијата, енергетиката, холандското и австриското вето за приклучување кон еврозоната, додека нашата тема ќе се движи на периферијата на предизборниот наратив.

Но во секој случај, доколку и априлските избори не резултираат со стабилно мнозинство и влада во Бугарија, тоа ќе биде неповолно за Македонија бидејќи привремените државни функционери ја немаат истата одговорност како избраните кога е во прашање водењето на надворешната политика.

Чествувањето на роденденот на Гоце Делчев утре ќе биде лакмусот за тоа во кој правец ќе се движат односите меѓу Скопје и Софија, и која карта ќе ја одигра македонската Влада. Иако дијалогот со Брисел е најинтензивен досега, последните случувања ги направија преговорите далечни, а поради неутралниот тон што го зазеде ЕУ кон бугарската офанзивност кон Македонија, евроскептицизмот ќе зема нови „жртви“ на своја страна.