По повод реакциите во јавноста за вчерашното асфалтирање на патеката околу лавиринтот, денеска директорот на ЈП Улици и патишта Скопје, Борис Настов во изјава за медиумите ги објасни активностите во врска со реконструкцијата на патеките.
“Вчера почнавме со реконструкција на патеките во делот кај лавиринтот, непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкција дури не се заврши целосно реконструкцијата. Патеката околу лавиринтот се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал, останатите патеки кои се со оштетен асфалт само се реконструираат со нова асфалтна маса и онаму каде што ќе биде потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните. Патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој ризла, затоа апелирам до граѓаните за трпение при изведба на работите дури да се дојде до крајниот резултат и сигурен сум дека ова ќе биде најпријатното катче од Градскиот парк и за најмладите генерации, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел. Во Градски парк се адаптира теренот со тартан и ризла за пристапност на сите граѓани“ изјави Настов.
Работните активности за реконструкција на патеките во паркот продолжуваат со ист интезитет, моментално се работи на обнова на ризлата на првиот дел од паркот.