Голем пожар вчера изби во 200 години стар Национален музеј во Рио Де Жанеиро.
Музејот е еден од најстарите во Бразил, а со пожарот се уништени огромен број на артефакти, од археолошки пронајдоци до значајни историски дела. Овој музеј е основан во далечната 1818 година, а во него се наоѓаат неколку клучни колекции, поточно египетски колекции, грчко-римски артефакти, палеонтолошка колекција во која се наоѓа скелет на диносаурус пронајден во регионот Минас Гераис, како и најстариот човечки фосил пронајден во Бразил. Музејот вкупно поседува повеќе од 20 милиони вредни предмети.
Снимките од воздух покажуваат импозантна зграда, со површина од 13.000 квадратни метри, како со часови ја голтаат пламени. Иако пожарникарите брзо пристигнале пожарот се прошири на стотини сали во музејот уништувајќи сè пред себе.
Причината за пожарот не е позната. Нема информации за настрадани лица.