Назначен нов постојан претставник на Британија во ЕУ

Сподели

Назначен е новиот британски дипломат кој ќе има клучна улога во преговорите за Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).

По оставката на сер Иван Роџерс, за постојан претставник на Британија во ЕУ е назначен сер Тим Бароу.

Бароу, кој во периодот 2011 – 2015 ја вршеше функцијата амбасадор во Москва, новата функција ќе ја започне кон крајот на месец март, а се очекува да има важна улога во преговорите за Брегзит.

Во јавноста излегоа различни коментари во врска со назначувањето на Бароу, кој беше еден од онние што ја водеа кампањата за Брегзит минатата година, кога Британија гласаше на референдум.

Министерот за надворешни работи, Борис Џонсон изјави дека е уверен оти Бароу е тој што најдобро ќе ги води преговорите со ЕУ, додека пак, екстремниот десничар Најџел Фараж упати критики за тоа, како што рече, преговорите повторно да се остават во рацете на еден дипломатски кариерист.

– Критики до владата од претходниот претставник –

Во декември, во медиумите протече изјавата на претходниот претставник, Роџерс, кој вели дека процесот на Брегзит, кој во нормални услови трае 2 години, би можел да потрае 10 години, со што предизвика реакции кај оние со проБрегзит ставови.

Тој во својата проштална порака до својот тим во Брисел, која ја упати по оставката, ја обвини владата на Тереза Меј дека има „нејасни размислувања“ и дека нема јасен план околу Брегзит.

Овие интерни разговори излегоа во британските медиуми, а според објавеното, Роџерс изјавил: „Сѐ уште не ги знаеме целите што ги постави владата за односите на Британија со ЕУ по напуштањето на Унијата“.

Тој тврди дека британската бирократија има мал број лица со сериозно искуство за преговори, додека пак според него, Европската комисија е со поголемо искуство на оваа тема.

Роџер во својата порака до тимот упати совет во кој вели: „Се надевам дека ќе продолжите без страв да им ја кажувате вистината за погрешните и нејасни размислувања на оние што се на власт“.

Роџерс беше назначен за постојан претставник на ЕУ во 2013 од страна на тогашниот премиер Дејвид Камерон. Неговиот мандат требаше да заврши во ноември.