Изнесеното тврдење во постот што го рецензираме, дека вандалскиот чин и сквернавењето на гробиштата на православните христијани во Вуковар се „западни вредности за кои ЕУ секојдневно проповеда“, е тенденциозно и неточно. Во текстот на Данас, каде што е оригинално објавена фотографијата споделена во постот, се наведува дека има полициска истрага и дека не е познато кои се сторителите, ниту, пак, нивните мотиви. На ниеден начин во изворниот текст на Данас не се посочува дека сторителите биле мотивирани или имале поддршка од Европската Унија – Вистиномер
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се споделува фотографија од сквернавење на гробишта и се вели:
Во Вуковар, Хрватска, се осквернавени православните христијански гробишта. Надгробните споменици се урнати и вандализирани. Тоа се таканаречените западни вредности за кои ЕУ секојдневно проповеда.
Фотографијата е оригинално објавена во медиумот Данас, на 9 јануари 2023 во текст во кој се говори за посетата на претседателот на Заедничкиот совет на општините – Вуковар, Дејан Дракулиќ, вуковарскиот свештеник Саша Кузмановиќ и заменик-градоначалникот на Вуковар и претседателот на градската организација СДСС, Срѓан Колар, на православните гробишта откако неколку надгробни споменици биле осквернавени.
Денеска дојдовме тука на православните гробишта каде според сознанијата на наши сограѓанки насилно се срушени три-четири споменици. Но, кога стасавме видовме дека се работи за десетина споменици. Ова е веќе трет вандалски чин во изминатите два до три месеци што се случува на нашите стари православни гробишта во Вуковар. Случајот го пријавивме во полиција, очекуваме стручни лица сето тоа да го испитаат и ако е можно да воочат некакви траги. Овој вандалски чин, кој секако не е добронамерен, се случи помеѓу петти и шести јануари, непосредно пред Божиќ. Веруваме дека тоа е направено од лица кои не знаат што прават и каква порака можат да испратат со ваквиот чин – изјави заменик-градоначалникот на Вуковар и претседател на градската организација СДСС, Срѓан Колар.
Претседателот на Заеднички совет на општините – Вуковар, Дејан Дракулиќ изјавил дека чинот е неприфатлив и е лоша порака за заедницата. Тој додал дека не може да разбере никој кој прави такви работи, без оглед на неговата националност и вероисповед.
Тоа е посебна порака со оглед на тоа што настанот се случи во деновите кога православните верници прославуваат Бадник и Божиќ, но мораме да бидеме присебни, да почекаме полицијата да си ја заврши работата и наше е да настојуваме да ги обновиме тие споменици.
Во соработка со градското претпријатие „Комуналац“ ќе видиме на кој начин и со кои средства ќе бидат обновени уништените спомениции и вратени во првобитната состојба, бидејќи тоа за нас е исклучително важно. Ова е историјата на нашиот народ и кога сакате да запознаете некое место, одите на гробишта и ќе видите кои луѓе живееле таму и во кој период, изјавил Дракулиќ.
Изнесеното тврдење во постот што го рецензираме, дека вандалскиот чин и сквернавењето на гробиштата на православните христијани во Вуковар се „западни вредности за кои ЕУ секојдневно проповеда“, е тенденциозно и неточно.
Во самиот текст од Данас, се наведува дека има полициска истрага и не е познато кои се сторителите, ниту, пак, нивните мотиви. На ниеден начин во изворниот текст на Данас не се посочува дека сторителите биле мотивирани или имале поддршка од Европската Унија.
Непримерниот, непочитувачки и грозоморен чин на сквернавење на гробиштата низ годините се случува во многу земји од светот. На пример, на следниот линк може да се видат барем дваесетина вандализирани гробни споменици во Кина, а кои постоеле половина век. На Хаваи, исто така, биле вандализирани гробишта. Уништување на надгробни плочи има и во Русија, за војници кои загинале во Втората светска војна. Во северниот дел на Германија пред неколку месеци вандализирани беа муслимански гробови. Во Мериленд пред околу една година беа разрушени украински гробишта. Искршени надгробни плочи можеа да се видат на неколку чекори од украинската католичка црква Свети Михаил во Балтимор.
Новинарски извештаи за вакви вандалски настани покажуваат дека уништувањето на надгробни плочи и споменици се случува во повеќе држави, географски неповрзани со Европската Унија.
Во ЕУ, пак, никогаш не се промовирала изопачена вредност на сквернавење гробници или гробни места. Во сите европски држави тоа е кривично дело, а сторителите се престапници кои се огрешиле пред законот.
Комисијата за интернационална религиозна слобода во САД во септември 2021 година објавува дека сквернавењето на гробиштата во поновата историја станува зачестено. Во тој документ пишува дека сквернавењето на гробиштата претставува сериозна атака за религиозните групи коишто ги користат овие места за почит, ритуали и сеќавање. Владите имаат обврска да ги заштитуваат таквите свети места и да инвестираат, да го гонат кривично секој случај на вандализам, сквернавење или уништување на религиозни гробни места, притоа почитувајќи ја слободата на верата и уверувањето на сите луѓе.
За време на холокаустот, нацистичкиот режим уништувал еврејски гробници и ги користел надгробните плоч за градење. Слични случаи имало во источниот блок за времен а студената војна, во Полска, поранешна Чехословачка, Белорусија, Литванија, каде синагогите и гробниците биле користени за градежен материјал. Војните во бивша СФРЈ во деведесеттите години на минатиот век донесоа систематско уништување на религиозни и културни места, доведувајќи до тоа Интернационалниот трибунал на ОН да пресуди дека таргетираното бришење на такви места се вбројува во кривични дела против човештвото.
Интернационалното законодавство за човекови права дефинира обврска на владите да ги заштитуваат културните наследства и гробиштата на религиозните групи. Гробиштата се есенцијален елемент на манифестација на правото на религиозно верување. Членот 18 од Интернационалната повелба за цивилни и политички права го посочува правото да се манифестира религија или верување во заедница со други луѓе. Религиозните групи имаат религиозни ритуали и пракси на своите гробишта кои се заштитени со членот 18. Интернационалниот акт за религиозна слобода, специфично нотира дека уништувањето на гробиштата е прекршување на слободата на религијата и на верувањето.
Во своето штитење на правата на сите луѓе и религиозни групи да ги закопуваат своите починати на свои гробни места, владите имаат обврска да ги почитуваат гробиштата и да ги заштитуваат од сквернавење или уништување. Намерен напад на гробишта или други места со религиозно значење, може да се смета за воено злосторство.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека ЕУ проповеда вредности на демолирање на гробишта.