Градот Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. И годинава кампањата ќе излезе од административните граници на Скопје и ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, зашто сите жители на котлината го дишат истиот воздух.
– Минатата година оваа кампања за првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, пак, ги повика и преостанатите општини да се приклучат на ваквата иницијатива.
– Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано сме на терен, во директна комуникација со земјоделците и ја користиме секоја прилика да им укажеме на штетноста од палењето стрништа со цел да ја подигнеме свеста за заштита на животната средина. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од скопскиот плански регион, ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата – рече Димковски.
– Оваа година ја прошируваме програмата за да има влијание на поголема површина од градот и на поголем број луѓе. Овој проект годинава ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје. Компостирањето на остатоците од берба има повеќе придобивки за животната средина, за самото земјоделско производство и за спречување на загадувањето. Една значителна придобивка годинава ќе биде поврзана со квалитетот на воздухот во околината на Скопје. Со намалување на палењето на остатоците од берба, квалитетот на воздухот ќе продолжи да се подобрува, особено во периодот од годината кога палењето беше честа појава – рече денеска д-р Џефри Ли, од невладината организација МДЦ-Ти.нет.