Невладините организации бараат да се поништи лустрацијата

Сподели

 

Итно, пред распуштање на Собранието, да се донесе законот за ништовност и поништување на правните последици од лустрацијата, апелира Блупринт групата за реформи во правосудството. Со предлог-законот, што Владата го усвои на 24 декември, се поништуваат правните последици на лустрацијата и се предвидува обесштетување за лустрираните. Но, предлог-законот е заглавен во собраниска процедура, а на неговото донесување се противат опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и владиниот коалициски партнер ДУИ.

– Блупринт групата го актуелизираше проблемот со поништувањето на правните последици на лустрацијата, иако согласно Стратегијата за реформи во правосудството 2017-2022 Владата се обврза да ги санира последиците до крајот на 2017 година, но тоа не се случи. Откако Блупринт групата алармираше, Владата реагираше со предлог-закон, кој го поддржуваме и сметаме дека итно треба да се откочи собраниската процедура за негово донесување и тој да се донесе пред распуштањето на парламентот , имајќи предвид дека станува збор за процес кој што беше црна дамка за нашето демократско општество и беше искористен за политички реваншизам на режимот во тоа време. Се надеваме дека пратениците ќе се огласат – вели Сибел Амет од Блупринт групата.

Блупринт групата е неформална мрежа составена од Коалиција „Сите за правично судење“, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија (МХК), Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Институтот за човекови права (ИЧП), Здружението на граѓани – институт за европска политика (ЕПИ) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Невладините организации нагласуваат дека сè уште траат правните последици од лустрацијата, односно дека лицата прогласени за соработници на службите за безбедност не можат да бидат вршители на јавни функции, што беше и целта на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („законот за лустрација“), со кој во 2008 година почна лустрацијата.

Групата смета дека македонската лустрација е спроведена инквизиторски и дека не ја постигнала основната цел – да утврди дека кое било лице, прогласено за соработник за службите за безбедност, сторило повреда на чии било човекови права. Понатаму, невладините нагласуваат дека тоа не е утврдено во ниедна земја во која била спроведена лустрација. Напротив, нагласува групата, процесот во Македонија беше злоупотребен за политички реваншизам, а за тоа сведочат и големиот број решенија на Комисијата за верификација на факти (Лустрациската комисија) кои беа поништени од Управниот суд, како и две пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Вкупно 204 лица, од кои 80 со име и презиме, биле на последната верзија на Регистарот на Комисијата за лустрација, која од 2009 до 1 септември 2015 година утврдуваше дали кандидати за носители на јавна функција, сегашни или поранешни носители на јавна функција соработувале со органите на државната безбедност од 1944 до 2006 година. Во регистарот 78 лица се наведени како починати, а нивните лични податоци се избришани, 78 се наведени како соработници, за 44 лица податоци се избришани поради судско поништување на решението на комисијата, а за  четири лица податоците не се објавени поради членот 36 од тогашниот закон за лустрација, кој забранува објавување лични податоци ако тоа ја загрозува државната безбедност или го загрозува животот на лицето.

meta.mk