Поради невремето со силен дожд, ветер и со снег што го зафати целиот Балкан, во Грција и во Хрватска се забележани поплави на повеќе места и штети од турнати дрвја и бандери, јавуваат балканските медиуми.
Во градот Патра на грчкиот полуостров Пелопонез, е поплавена болница, на островот Кефалонија имало и торнадо, додека во Парга, популарното летувалиште за Македонците на брегот на Јонско Море, паѓал град.
Во Солун, исто така, биле предизвикани повеќе проблеми. Се очекува лошото време да продолжи до четврток.
Силно невреме вчера ја зафати и речиси цела Хрватска, а особено се погодени местата на Јадранскиот Брег. Така, во Риека вчера до вечерта наврнале речиси 20 сантиметри дожд на еден квадратен метар, што поплавило голем број сообраќајници. На некои места имало вода до 40 сантиметри на еден квадратен метар, а состојбата почнала да се подобрува подоцна вечерта.
Во Сплит бурата кршеше гранки и превртуваше контејнери, а урна и една бандера. Во Задар падна едно дрво и тешко оштети два автомобила.
На планините паѓал снег. Утрово на морскиот брег дува оркански ветер со брзина околу 130 километри на час, од Пореч сè до Макарска.