Невреме во Охрид

Сподели

По вчерашното невреме во Охрид заседаваше Кризниот штаб на градот кој констатирал дека најголеми оштетувања од големите бранови предизвикани од силниот ветер има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад.

Во расчистувањето што продолжува денеска ќе бидат ангажирани сите Јавни претпријатија со потребни работници кои ќе бидат подготвени со алат и механизација за санирање на штетите.

 Од Кризниот штаб апелираат да се тргнат автомобилите и да се регулира сообраќајот во стариот дел на Охрид за да може механизацијата непречено да работи на расчистување.

Правните и физичките лица кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обесштетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен.

– Во Охрид вчера дуваше силен ветер од јужен правец чија брзина изнесуваше над 90 километри на час, што го разбранува Охридското езеро. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри – велат од Кризниот штаб.

Нивото на Охридското Езеро е на 693,78 метри и тоа е три сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри.

Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека кај Дрим се испуштаат по 20 метри кубни вода во секунда.

Екипите на јавните претпријатија расчистувале и во текот на вчерашниот ден, а противпожарната единица имала осум интервенции на паднати оџаци.