Никола Груевски не е во С. Македонија, ниту пак, бил во земјава за својот роденден

Сподели

 

Објавата дека експремиерот Груевски е во земјава се темели само на тврдењето дека неговата Фејсбук страница има четворица администратори кои се наоѓаат во Македонија, па оттаму се вади и заклучокот дека и Груевски е тука. Логичниот заклучок е дека за високопрофилиран политичар од негов ранг и калибар, којшто е баран во земјава и за него има распишана потерница, за кого има судски пресуди кои чекаат да бидат извршени, односно за кого има изречени затворски казни, кои треба да ги одлежи, евентуалното враќање во С. Македонија би било топ тема во домашната, но и во меѓународната јавност, пишува Вистиномер

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека поранешниот премиер Никола Груевски е во земјава и дека тоа го покажуваат некакви „докази”.

Според доказите, Груевски слави роденден во Македонија, пишува во описот на постот а потоа се споделува и текст.

Во текстот, пак, нема никакви докази дека Никола Груевски слави роденден во Македонија, туку напротив, изнесени се само прашања.

(ФОТО) Според ова, тој е тука: Никола Груевски слави роденден, и тоа во Македонија?, гласи насловот на текстот. 

Во текстот се изнесуваат детали за неговиот живот и политичка кариера, за потоа да се сврти вниманието на четворицата администратори кои ја одржуваат Фејсбук страницата на овој политичар, за кои се заклучува дека локациски, се наоѓаат во Македонија.

Во „транспарантност“ за тоа од која локација се раководителите на страната, може да се забележи дека има 4 и сите моментално се во Македонија?! Дали ова значи дека и Никола Груевски моментално е во Македонија?, се вели во текстот кој главно е сиже и времеплов на политичките и професионалните активности на Груевски, како и информации за тоа дека е во азил во Унгарија од каде не е екстрадиран за Македонија.

Може ли фактот што на фан страницата на поранешниот премиер има четворица администратори во Македонија да се смета за „доказ” дека тој е во земјава, како што невистинито се тврди во постот кој го рецензираме? Краткиот одговор е негативен, а логичниот заклучок е дека за високопрофилиран политичар од негов ранг и калибар, којшто е баран во земјава и за него има распишана потерница, за кого има судски пресуди кои чекаат да бидат извршени, односно за кого има изречени затворски казни кои треба да ги одлежи, евентуалното враќање во Северна Македонија би било топ тема во домашната, но и во меѓународната јавност.

Груевски и понатаму е во Будимпешта, Унгарија, ја нема преминато македонската граница на ниту еден граничен премин и никогаш на социјалните мрежи, каде што редовно одржува контакт со јавноста, се нема произнесено дека планира да се врати во државава.

На 12.11.2018 година судот ја објави и меѓународната потерница за Никола Груевски. Фотографија од поранешниот премиер Никола Груевски е објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, каде што се објавуваат сите лица по кои е распишана потерница.

Никола Груевски, од татко Тало и мајка Надежда, роден на 31.08.1970 во Скопје се бара за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.2 од Кривичниот законик. Никола Груевски се бара и по определена мерка притвор во траење од 30 дена за кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ член 313 од Кривичниот законик, пишува на веб-страницата на МВР.

Веднаш откако ќе биде пронајдено лицето кое се бара со меѓународна потерница, овие податоци се отстрануваат.

Правниот веб-портал „Правдико“ пишува дека органот што наредил издавање потерница, или објава е должен веднаш да ја повлече кога ќе се пронајде бараното лице или имот и имотна корист или предмет, или кога ќе настапи застареност на кривичното гонење или на извршувањето на казната или други причини поради кои потерницата или објавата повеќе не e потребна. Министерството за внатрешни работи води евиденција за издадените потерници. Податоците за лицата против кои е издадена потерница се бришат од евиденција кога потерницата ќе се отповика.

Потерницата за Груевски е сè уште активна и објавена на сајтот на МВР што е показател дека тој не е во државата.

Постојат бројни примери за медиумско известување во случаите кога лицето за кое е распишана меѓународна потерница ќе биде приведено односно пронајдено. Меѓутоа, за Никола Груевски нема ниту медиумско известување дека е пронајден или дека се вратил во државата. Не е логично ниту да се вратил, а да не бил приведен на ниеден граничен премин, со оглед на тоа што лицата кои се бараат со меѓународна потерница се евидентирани во базата на МВР и при преминувањето на било кој граничен премин во земјава, системот ги детектира.

Никола Груевски е во Будимпешта. Во 2018 година тој соопшти дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за добивање политички азил. Тој тогаш тврдеше дека избегал од Северна Македонија за да го заштити својот живот од бројни закани кои му биле упатени.

Новинарските извештаи и медиумските известувања треба да бидат ослободени од сензационализам, односно да се проверуваат сите индиции пред да се пласираат на јавноста. Така, новинарот е должен да провери дали Груевски се вратил во Македонија и тоа официјално, а не преку фактот што администраторите на фан страницата на Груевски се наоѓаат во С.Македонија. Сосема е можно, администраторите да се платени да ја одржуваат неговата Фејсбук страница, како што често и прават јавните личности.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека поранешниот премиер Никола Груевски, е во земјава. Тој се наоѓа во Унгарија, каде има добиено азил и се бара со меѓународна потерница, која е објавена на сајтот на МВР. Насловот во текстот и објавата што ја рецензираме се класичен пример за клик-бејт текстови, со цел да привлечат што повеќе кликови врз база на сензационализам.