Никола ПОПОВСКИ: Три работи што идната влада ќе мора да ги направи за економијата

Сподели

Ако главната економска цел на Владата е зголемување на стапката на стопанскиот раст и намалување на сиромаштијата, тогаш е важно да се направат неколку приоритетни работи: фискална консолидација, промени во даночниот систем и враќање на довербата во државата како непристрасен регулатор на економскиот живот.

Пред секоја нова влада обично стојат големи предизвици. Тоа се оние предизвици што довеле до потребата за таа влада. Економските предизвици се едни од таквите. Но за да се дефинира кои се оние важни економски работи што владата треба да ги направи прво мора да се знаат целите на владата, бидејќи во економската политика прво се дефинираат целите, па од нив произлегуваат задачите и следствено инструментите и мерките на економската политика. Од тоа што мандатарот го кажа и што го знаеме за новата влада може да се претпостави дека во сферата на економијата главна цел ќе биде зголемувањето на стапката на растот на економијата која сега е релативно ниска, со едновремен обид што е можно повеќе да се намалат сиромаштијата и разликите во нееднаквата дистрибуција на доходот меѓу населението во Македонија.

Тоа воопшто не е лесна и едноставна работа ако се има предвид дека дури и теоретски гледано овие цели можат да бидат контрадикторни, а особено во услови што идната влада ги наследува од владеењето во изминатите 11 години. Сепак, процесот на економско заздравување мора да се осмисли и да започне.

Веројатно е важно да се направат повеќе работи, но некои од нив со своето значење и тежина ќе бидат приоритетни и најважни, дури и во услови владата да зацрта некои други економски цели што сега не можат да се претпостават. Во редот на приоритетните и важните секако се: фискалната консолидација; неколку значајни промени во даночниот систем и враќањето на довербата во државата како непристрасен регулатор на економскиот живот и обезбедување на фер пазарна конкуренција на учесниците во него.

pari

Фискална консолидација

Првата е фискалната консолидација. Македонските јавни финансии се излезени од колосекот. Тие имаат многу големи структурни проблеми и се базираат на сериозна и перманентна буџетска нерамнотежа која предизвика раст на јавниот долг до нивото од околу една половина од БДП на земјата (доколку не постои и скриен долг за што многумина се сомневаат) со тенденција долгот да се зголемува и понатаму. Буџетската нерамнотежа од привремена, која би требало да кореспондира само со изразените циклуси на рецесија или експанзија на економијата, се претвори во постојана состојба на релативно висок дефицит на општата влада од околу 3,5 до 4,2 отсто од БДП, односно кредитирање на буџетот со околу 300 до 360 милиони евра годишно од домашни и странски кредити. Со оглед на растечките трошоци на централниот буџет и социјалните фондови, дефицитот исто така може да покаже тренд на натамошен раст што би било погубно.

Дополнителен структурен проблем се законските обврски на буџетот, како на пример оние за плати и надоместоци на прекубројната јавна администрација или за исплата на камати на постоечкиот јавен долг, како и сè повисоките буџетски трансфери кон државниот пензиски фонд (ПИОМ) што и во иднина ќе бидат негов голем товар. Се разбира, тука се и разните други тековни или трансферни трошоци што се преобемни и го стеснуваат просторот за дискрециони економско-фискални одлуки и политики на владата.

Исто така, проблематични се и трошоците за јавни инвестиции кои погрешно се насочени за што ќе биде потребно време и напор за нивно пренасочување од идеологизирани нерационални трошоци во посакуваниот правец на акцелератор на одржливиот економски раст.

Фискалната консолидација подразбира напуштање на наведените политики и  обезбедување на финансирање на јавните потреби со поврамнотежен буџет и со негова подобра структура. Но, заради фактот дека не постои објективна можност приходите на буџетот драстично и брзо да се зголемат, ќе мора да се прибегне кон прилично непопуларната мерка на намалување на неговите расходи. Охрабрувачки може да биде тоа што во сегашната буџетска потрошувачка има многу непотребни и непродуктивни трошоци што лесно и брзо можат да се намалат, а во трошоците е внесено и сериозно ниво на корупција со чие отстранување тие ќе исчезнат.

Предизвикот е голем, а на патот ќе има и дополнителни проблеми. На пример, ако Македонија сака да се приклучи кон НАТО, за што постојат шанси со новата влада, ќе мора да покаже дека нејзините трошоци за одбрана од сегашните само 1,1 отсто од БДП ќе се приближат до нужните 2 отсто – состојба веќе постигната во 2005 и 2006 година, а подоцна напуштена од претходната влада. Тоа значи дека во услови на општа фискална консолидација, ќе бидат потребни дополнителни околу 100 милиони евра годишно само за АРМ. Јасно е дека вакви и слични предизвици ќе има многу, но тоа едноставно ќе мора да се стори.

Промени во даночниот систем

Втората важна работа се промените во даночниот систем. Тој сега не обезбедува доволно средства за утврдените јавни расходи (оттука и постојаните буџетски дефицити), а се смета дека е и прилично неправеден бидејќи обилно се потпира врз индиректните даноци (ДДВ, акцизи) што се неправедни и не ги оданочуваат даночните обврзници согласно нивната економска моќ. Од друга страна, даночните стапки на директните даноци (персоналниот данок на доход и данокот на добивка) се релативно ниски и пропорционални за сите нивоа на остварен доход, односно тие изнесуваат само 10 отсто. Некои корекции кај стапките мора да се направат и барем кај ПДД да се внесат прогресивни стапки со блага растечка прогресија – на пример 10, 12 и 15 отсто или нешто слично.

Понатаму, политиката на придонесите и нивните стапки или горни ограничувања што сега постојат, исто така, треба да се преоцени. Можеби треба храброст и да се преуреди. На пример, придонесите што се плаќаат за ПИОМ и ФЗОМ воопшто не ги задоволуваат потребите на пензиските и здравствените осигуреници. Според буџетот за 2017 година во вкупните средства за ПИО од околу 64 милијарди денари, придонесите партиципираат со 35 милијарди, а трансферите од централниот буџет со околу 28 милијарди денари што е веќе критично ниво на финансирање. Кај ФЗО, соодносот е далеку поповолен, односно од вкупните приходи од 27 милијарди, придонесите обезбедуваат дури 24 милијарди денари, но затоа дефицитите се де факто скриени и долговите на ЈЗО и ФЗОМ се проценуваат на околу 3 милијарди денари, а достапноста на загарантираните здравствени услуги е сериозно намалена. Тоа подразбира дека на ФЗО исто така му се потребни дополнителни редовни буџетски трансфери или евентуално нов осигурителен пакет со намалени услуги.

Ако се има предвид дека владата веќе најавува целосно укинување на некои постојни јавни давачки (такса за МРТВ) или значително намалување на други (казни и глоби), тогаш можеби не е рано да се преоцени и стапката на ДДВ и нејзино благо нагорно поместување за еден до два процентни поени со цел да се компензираат можните нови дефицити. Дополнително, даночните оптоварувања кај правните лица од домашни и странски инвеститори според структурата и висината треба да почнат да се врамнотежуваат сè до нивно изедначување во иднина.

Потребни се дури и похрабри мерки за корекции во даночниот систем за тој да биде постимулативен за економските активности, за инвестиции и за отворање на нови работни места, но и поправеден во финалната редистрибуција на создадениот доход во земјата.

Ефикасни институции и фер пазарна конкуренција

Конечно, како трета итна работа треба да се пристапи кон враќањето на довербата во државата како непристрасен регулатор на економскиот живот и обезбедување фер пазарна конкуренција на учесниците во него. Македонските јавни институции во економската сфера, со многу мали исклучоци, сега се нефункционални, партизирани, неефикасни, корумпирани и крајно пристрасни. Не случајно во својот последен извештај од ноември 2016 година Европската комисија нив ги оквалификува како дел од една „заробена држава“. Тој процес ќе биде тежок и проследен со многу отпори, но ќе мора да се заврши. За тоа на владата ќе и биде потребна и поширока институционална (судство, регулаторни комисии, државни и владини тела, совети и сл.) и општествена поддршка (НВО, медиуми и сл.) која не секогаш ќе ја има.

Се разбира дека на подолг рок владата ќе мора да се зафати и со посистемски задачи како што се структурните промени, подигнувањето на конкурентноста на националната економија, нејзина поголема вклученост во регионалната, европската и светската економија и друго. Но за тоа ќе бидат потребни и повеќе напор и подолго време.

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.