Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за ТВ 21 порача дека во периодот пред нас најважно е демократското мнозинство во Собранието да се обедини, мнозинство кое ќе го гарантира евроатлантскиот пат, сигурноста и стабилноста на државата.
„Не е важна ниту функцијата ниту кариерата, нормално ако претседателот Зоран Заев поднесува оставка, целото раководство е во оставка, и тоа е најмалиот проблем. Ниту една позиција не е важна, најбитно во моментот е СДСМ и сите прогресивни сили да се фокусирани на примарната цел мнозинството да се обедини и окрупни во македонското Собрание,“ посочи Николовски.
Во однос на случувањата во СДСМ, генералниот секретар Николовски порача дека СДСМ од резултатите на последните избори, ќе извлече многу поуки.
„Ние го овластивме претседателот Заев со заклучок на Централниот одбро да ја повлече оставката и од претседателската функција и од премиерската се додека не обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое што во следните 2,5 години без избор ќе влезе во процес на продолжување на реформите, на обезбедување на датум, на почеток на време со ЕУ. Очекуваме да започнат внатрепартиските постапки односно очекувам следната недела да има седница на Централен одбор, да започнат сите постапки, да се дискутира токму за постигнатото, за тоа дека имаме гарантирано стабилно мнозинство.“ порача генералниот секретар Николовски во интервју за ТВ 21.