Нилс Муижниекс: Турција итно да го смени курсот

Сподели

 

 

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс ги повика турските лидери „итно да го променат курсот“ и да го прекинат нарушувањето на слободата на медиумите и на владеењето на правото, изразувајќи загриженост за демократијата во земјата.

Повикот е упатен поради претстојниот референдум што ќе се одржи во април, а се однесува на уставни промени, што предвидуваат преминување кон претседателски систем на управување. Критичарите за референдумот стравуваат оти тој ќе доведе до концентирање на прекумерна власт во рацете на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Муижниекс посочи во соопштението, објавено денеска, дека досегашната вознемирувачка состојба на медиумските слободи и слободата на изразувањето во Турција, достигнала до „сериозно загрижувачко“ ниво по воведувањето на вонредна состојба по обидот за преврат. Тој исто така изрази загриженост во врска со уставните промени што ќе бидат гласани на референдумот, посочувајќи дека тие „предвидуваат значително намалување на автономијата на турското судство кон извршната и законодавната власт“.

Муижниекс ја критикуваше и широката дефиниција на Турција за тероризам и терористичка пропаганда, како и испраќањето во затвор на десетици новинари, поткопувањето на независноста на судството, широката употреба на законот за клевета, со цел замолчување на противниците, цензурата на Интернетот и користењето на државни средства, за помагање на провладините медиуми.

– Комесарот ги повика турските политички лидери да го променат курсот и да започнат да го одделуваат она што е терористичко дејствие од критиката на несогласувањето и да покажат одговорност и толерантност, како што се очекува во едно демократско општество, стои во соопштението.

Во моментов нема одговор од Анкара за соопштението, кое според Советот на Европа било претставено на турската Влада пред да биде објавено.

МИА