Медијаторот во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц денеска доаѓа во Скопје на дводневни разговори со македонскиот државен врв. Тој пристигнува од Атина каде што по разговорите со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас оцени дека „постои моментум“, односно дека е време за носење одлуки. На таа средба станало збор за идеите кои Нимиц ги достави пред две недели. Тој не даде конкретен временски рок, потенцирајќи дека во следните седмици ќе има разговори и потоа ќе треба одново да се процени ситуацијата.