Нормализацијата на говорот на омраза во Македонија – Сеад Џигал

Сподели

 

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења пишува Сеад Џигал за Республика.

Говорот на омраза има свои длабоки корени во општеството и најчесто се развива и еволуира во подолг период со динамика која зависи од различни општествени фактори и околности. Тој може да ги менува своите форми и да се шири во зависност од достапните комуникациски средства и мрежи, но секако најмногу зависи од локалната политичка и медиумска култура.

Сеад Џигал

Македонија, од своето осамостојување до денес нема добри резултати во процесирањето и санкционирањето на случаите на говор на омраза. Говорот на омраза и нетолеранција се многу честа појава во политичката комуникација, во меѓуетничките односи, како и во односот кон помалите и маргинализираните заедници.

Според достапните истражувања и анализи, нападите врз политичките противници значително се зголемија во последната деценија и добија статус на нормализирано средство за барање политичка поддршка и мобилизација. Последиците од толерирањето и охрабрувањето на употребата на говорот на омраза од страна на политичките партии и нивните поддржувачи во јавната сфера, помогнато и од домашните медиуми, доведоа до сериозно влошување на јавната комуникација во сите сфери.

Постепената „нормализација“ на употребата на различни форми на говорот на омраза и дискриминаторски јазик за политички и идеолошки цели ја зголеми јавната употреба на говорот на омраза и стана речиси вообичаен начин за обраќање кон луѓето со различни ставови и мислења.

Кој најмногу „мрази“ во Македонија

За истражувањето беше користен материјал регистриран во текот на 2021 година од страна на Институтот за комуникациски студии – ИКС. Во него беа вклучени случаи кои имаа значителна јавна видливост и досег до публиката преку медиумите и социјалните мрежи. Регистрираните случаи беа вклучени во квантитативна, квалитативна и дискурзивна анализа, со цел да се добијат прецизни резултати за типот и ефектите на говорот на омраза и нетолеранција во 2021 година.

Регистрираните случаи беа класифицирани според скалата за анализа на сентименти, развиена од Универзитетот во Вашингтон, оценувајќи ги случаите од 1 до 6, во зависност од нивото на проценетата афективна реакција или чувството предизвикано при употреба на говор на омраза (скалата е достапна долу).

Во 2021 година во Македонија беа регистрирани вкупно 35 забележителни случаи на употреба на говор на омраза и дискриминација. Според степенот на нивната проширеност, и вклученоста и реакциите на публиката, тие покажале значително влијание во медиумите и во јавната комуникација предизвикувајќи бројни коментари, дебати, вербални ексцеси и различни негативни реакции.

Од нив најголем број на случаи се говор на омраза против политичките и идеолошките противници (30%), говор на омраза на етничка основа (30%) и напади врз основа на сексуална ориентација (14%).

При анализа на директно таргетираните групи, беше утврдено дека 31,3% од случаите се против различни етнички или расни групи, 25,6% се насочени кон политичари, 14,2% се против граѓански активисти и 8% се против припадници на сексуални малцинства.

Во однос на изворот на нападите, најзастапени се поединци граѓани со 45%, додека 17,1% биле политичари или претставници на политичките партии во земјава. Дополнително, 11,4% биле новинари или членови на медиумите, а онлајн инфлуенсери биле 8,5%. Доминантно, дискурсите со омраза и дискриминација се објавуваат и се шират на интернет, главно преку платформите на социјалните медиуми, во вкупно 37%, и веб-страниците за вести, т.е. 45,6%.

Говор на омраза против политичките и идеолошките противници

Овој подвид на говор на омраза е заснован на дефинирање на „непријателот“ и таргетирање на групи или поединци кои припаѓаат кон така конципираниот протвнички фронт. Како клучна оска на поделеност низ разгледаните случаи беше утврден политичко-идеолошкиот дуализам на прозападни наспроти конзервативни групации во општеството.

Првата страна се именува и напаѓа како „предавничка“, или „отпадничка“ од својата природна заедница, додека кон втората страна во регистрираните случаи се реферира како кон група на заостанати и ретроградни лица.

Во овие случаи се користат различни јазични техники вклучувајќи изразено негативни  зборови и навреди, со цел да се изрази одбивност и омраза кон политичкиот или идеолошкиот противник.

Во овој тип на објави и содржини медиумите често користат манипулативни наслови, кои му сигнализираат на читателот како емотивно да реагира и како да заземе негативен став кон целната група. Овие содржини се користат за поттикнување негативни реакции кои се пренесуваат на  социјалните мрежи каде овие објави обично и се споделуваат.

Извор: freepik.com

Преку анализа на овој поттип на случаи може да се забележи дека наведувачките и „клик-бејт“ насловите имаат двојна цел, читателот да кликне на објавата, но и да го поттикне да го сподели написот на социјалните мрежи и да иницира негативни коментари и жолчни дискусии.

Говор на омраза на етничка или расна основа

Бројот на случаи со овој поттип на говор на омраза е приближно една третина. Во вообичаените наративи кон овие примери се користат негативни етно-стереотипи и етнофобија, а најбројни беа случаите со говор на омраза против албанската и ромската заедница. Исто така, беа нотирани случаи на исламофобија, антисемитизам и ксенофобија против мигрантите од Блискиот Исток и Африка.

Во овој тип на случаи наративите се оформени врз принцип на етничка или расна подреденост, негативни стереотипи и во неколку случаи, дехуманизација насочена кон сегрегација и маргинализација на цели групи или пак преку повици за физичка елиминација.

КОВИД мерки и вакцинација

Во контекст на спроведените здравствени мерки против ширење на корона вирусот во текот на 2021 година беа организирани протести во повеќе градови во земјава. Противниците на КОВИД мерките и вакцинацијата ги пренесуваа своите активности и ставови на различни медиумски платформи при што ширеа и различни пораки со навреди, закани и говор на омраза кон здравствените власти и здравствените работници.

Овој тип на говор на омраза беше забележан во 14% од бројот на сите случаи, и често беше придружуван и подржуван од различни конспирациски наративи, како што се теории дека вирусот е вештачки создаден, а вакцинацијата се наметнува заради финансиски профит на фармацевтската индустрија.

Честопати терминот „убијци“ се користеше да се именуваат здравствените работници и власти. Ваквите тврдења се користеа да се оправда говорот на омраза и да се „нормализираат“ повиците за насилство. Главни поттикнувачи за овие случаи беа најавите за воведување нови мерки и рестрикции поврзани со пандемијата.

„Метастазата“ на говорот на омраза

Анализата на говорот на омраза во Македонија потврдува дека станува збор за сложена појава кој преку јавната комуникација на дигиталните платформи и различни популарни медиуми се инфилтрира во сите сфери на општеството.

Справувањето со него бара мултилатерален и мулти-институционален пристап кој преку континуирано работење треба да помогне во негово откривање, санкционирање и сузбивање, со цел да се спречи развојот и растот на т.н. „култура на омраза“. Јавното информирање во Македонија често се трансформира во „информативна војна“ на различните групи во општеството при што медиумите се користат како средство за политичка или идеолошка пресметка.

Медиумите често го подредуваат јавниот интерес на политичките агенди и стануваат составен дел на интересните групи кои имаат тенденција да освојат одредени позиции на моќ и одлучување во општеството преку користење на говор на омраза и нетолеранција за политичка мобилизација и поддршка.

Несанкционирањето на овие прекршувања доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења. Може да се каже дека наративите на омраза се „конвенционализирани“ во политичките ривалства.

Неуспехот ефикасно да се спроведат законите и соодветните препораки создава широко распространета култура на нетолеранција и конфликтност коишто се закануваат да ја нарушат довербата во  системот и институциите, како и во функционалноста на општествениот поредок.