Нов истражувачки документарен филм на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово

Сподели

 

 

Истражувачка репортерска лабораторија на 13 август, вo недела, ќе го објави истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој живи изгореа 14 лица. Документарецот ќе се емитува на првиот канал на Македонската радио-телевизија и на јутјуб-каналот на ИРЛ, со почеток во 20:15 часот.

Истражувањето „Убиство во Тетово“ е истрага за една од најголемите несреќи во историјата на државата со масовен број жртви. Репортерите на ИРЛ повеќе од 7 месеци работеа во Скопје и во Тетово и ги собираа и ги анализираа податоците и документите добиени за овој случај.  Во пожарот на 8 септември 2021 година загинаа 14 луѓе во тетовската модуларна болница за лекување болни од вирусот КОВИД-19.

Сите несреќи од катастрофални размери што се случуваат во Македонија имаат една заедничка карактеристика, која била дел од клучните настани што довеле до катастрофата, сите се случиле поради запоставување на обврските на оние на кои како заедница сме им дале полна доверба да управуваат со нас и со заедничките добра, вели одговорниот уредник и продуцент на ИРЛ Сашка Цветковска, нагласувајќи дека ова истражување е посветено на непотребни човечки загуби во Македонија, кои се случиле и кои продолжуваат да се случуваат поради тоа што правосудниот систем не покажа одговорност кон жртвите.

Ова е една од ретките епизоди за која притисоците и јавните напади кон новинарите од ИРЛ започнаа уште во раните фази на истражувањето. Обиди за попречување на истражувањето за модуларната болница, освен припадници на бизнис-заедницата, вршеа и одредени судски и извршни институции. Се криеја документи и информации од јавен карактер, за кои ИРЛ беше принудена да поведе жалбени постапки пред надлежните институции. 

Недела, 13 август, во 20:15 часот: „Убиство во Тетово“.

ИРЛ, соопштение