Наредната недела ќе има уште една лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, ова е договорено на денешната средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Договор за нов датум за парламентарни избори на оваа средба немало, изјавија дел од лидерите кои присуствуваа на средбата.
Било договорено да бидат побарани дополнителни информации за можноста за организирање избори од Комисијата за заразни болести, од Државната изборна комисија, како и информација дали и кога во земјата ќе можат да допатуваат претставниците на ОБСЕ/ОДИХР.
На средбата присуствуваа претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА. На средбата беа и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Цафери.