Нова средба ќе имаат денеска во 15 часот членовите на ад хок телото со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, дознава „Мета“.
На средбата ќе се разговара за опциите што остануваат за избор на петтиот член на привременото тело, откако вчера членовите предложени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ не постигнаа консензус околу изборот на нивниот колега, кој, според Изборниот законик, мора да биде Албанец.
Вчера истече последниот рок до кој требаше да се избере петтиот член на ад хок телото, кое треба да ги контролира медиумите во предизборниот период.
Засега не се знае дали членовите ќе направат уште еден обид за да го изберат последниот член со консензус или, пак, таа работа ќе му ја доверат на Собранието.
Утринава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија меѓусебно се обвинија за неуспехот на ад хок телото. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека СДСМ се плаши од избори, а од опозицијата обвинија дека владејачката партија не сака во Македонија да има слободни и независни медиуми.