Нови табли за институциите, границите и државните органи

Сподели

На вчерашната Владина седница, една од првите точки била Информацијата за извршување на Преспанскиот договор. Се разгледувале мерките и активностите што во склад со измените на Уставот, Владата ќе треба да ги преземе обврските седум дена по стапувањето на Договорот на сила, односно со ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Грција.

Според заклученото, по тој датум, министерствата, државни органите и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите.

Исти насоки ќе добијат и општините. Најинтересното e што, како што вели Владата „секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани“.

Дополнително, дадена е обврска државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на Договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата добил задолжение да формира Меѓуресорска група која ќе треба да изработи сеопфатен Национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Македонија кои произлегуваат од договорот со Грција.