Новиот кабинет на претседателот Пендаровски

Сподели

 

Оформен е Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и веќе се познати имињата на неговите членови. Именувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнавање, најавата за анализа на надворешната политика и за деблокада на процедурата за агремани за амбасадори, потпишаните закони на кои Ѓорге Иванов не стави потпис, покрај комплетирањето на составот на неговиот кабинет, се првите одлуки кои ги донесе претседателот на државата Стево Пендаровски по стапувањето на функцијата.

Миле Бошњаковски е назначен за генерален секретар или шеф на Кабинетот, Билјана Радева е прес офицер, Бљерим Кољари е советник за национална безбедност, Александар Спасов е надворешен советник за внатрешна и надворешна политика, Гоце Карајанов е советник за надворешна политика, Тоше Зафиров е советник, Биљана Мицевска е шефица на протокол, Катерина Цаневска е советничка за медиуми, Љуљета Адеми е советничка која ќе ја води комуникацијата со лица со посебни потреби.

Надворешни советници се Денко Малески, Александар Димитров и Александар Тавчиоски за надворешна политика, а Мирјана Лазарова Трајковска и Беса Арифи за правни работи.

Како надворешен соработник бил поканет и Блерим Река, но одбил формален ангажман.

Пендаровски го назначил Ерол Муслиу за нов директор на Агенцијата за разузнавање.

Кабинетите на претседателот и на лидерот на опозоцијата Христијан Мицкоски се во постојана комуникација и во скоро време се очекува нивна средба.

Првата дестинација на шефот на државата во странство ќе биде посетата на Брисел во јуни за време на одржувањето Самитот на ЕУ кога се очекува и одлуката за одредување датум за почеток на пристапните преговори на земјава со Унијата.

Претседатeлот Стево Пендаровски, велат од кабинетот, по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту средства за отворање на канцеларија, туку просторија во Министерството за надворешни работи, каде ќе одржува состаноци и средби како поранешен претседател. Тој по мандатот ќе се врати на работното место професор.