Новиот Закон за енергетска ефикасност стапи на сила

Сподели

 

Новиот Закон за енергетска ефикасност кој минатата недела беше изгласан во Собранието и беше објавен во Службен весник на денеска стапи на сила.

Материјата за енергетска ефикасност досега беше регулирана со стариот Закон за енергетика од 2011 година и соодветните подзаконски акти. Имајќи го тоа предвид, постоеше значајна бариера за имплементација на мерки за енергетската ефикасност во нашата држава.

Старото законско решение го попречуваше развојот на пазарот на енергетските услуги, со тоа и инвестициите во оваа област, иако приближно 300 енергетски контролори посетија обуки и положија испити, по што се стекнаа со овластување за вршење на енергетска контрола и соодветно на тоа околу 80 друштва се стекнаа со лиценца за вршење на енергетска контрола.

Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој откако беше објавен во Службен весник и од денеска стапи на сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија.

Новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава.

Овие законски решенија се воведуваат согласно најновите прописи кои се во примена во ЕУ, но на начин и динамика кои соодветствуваат на нашата реалност, секако имајќи ги предвид потребите на трговците и снабдувачите со производи во врска со успешната и долгорочна примена на овие барања во иднина.

Со новиот Закон за енергетска ефикасност нашата држава ќе добие уште едно модерно, современо законско решение кое ќе овозможи придобивки во неколку области:

  • подобрување на енергетската ефикасност и остварување на заштеди на енергија како примарна цел;
  • нови вработувања и заживување на работата на друштвата кои даваат енергетски услуги и вршат енергетски контроли;
  • законска рамка за реализација на проекти за реконструкција на згради,
  • набавка на енергетски ефикасна опрема и инсталации, како и други енергетски услуги без значајно финансиско отпретување на корисниците на тие услуги;
  • воведување на можности за дополнителна финансиска поддршка за реализација на проекти за енергетска ефикасност, преку основањето на Фондот за енергетска ефикасност со посебен закон; и
  • подобрување на енергетската ефикасност на производите достапни на пазарите во Република Северна Македонија, согласно новите правила за означување и еко-дизајн на производите што користат енергија.