Во сите документи кои се дел од педагошката документација, променето е уставното име, информираат за „Мета“ од Бирото за развој на образованието (БРО). Тоа значи дека учениците, на крајот на јуни, ќе им бидат поделени свидетелства со нов печат и жиг на кои ќе биде впишано „Република Северна Македонија“.
Оваа одлука веќе е објавена во „Службен весник“, а новите документи и обрасци се печатат.
Основните и училиштата за средно образование, свидетелствата ги добиваат токму од Бирото. Наде Молеровиќ, директорка на основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Центар, вели дека сè уште не ги добиле новите обрасци.
– Сè уште е рано да ги добиеме новите свидетелства. Тоа вообичаено е откако ќе се распуштат учениците, по 10 јуни. Наставниците ги пополнуваат оценките во електронскиот дневник, а потоа треба да ги напишат и рачно во свидетелствата. За деветтоодделенците свидетелствата порано се издаваат поради уписите во средно, а останатите ученици ги добиваат малку подоцна – вели Молеровиќ.
Свидетелството, односно образецот е печатен на хартија со воден жиг и флуоресцентни влакна, а грбот се печати со златна фолија.
Од претстојниот 1 септември, сите наставници ќе добијат и дневници со новото име на државата.
Согласно Законот за основно образование, педагошката евиденција опфаќа – главна книга на учениците, дневник на паралелката, евидентни листови за успехот на учениците, ученичка легитимација, свидетелство и преведница.
Сите документи од претстојната учебна година ќе бидат нови.